X
 05.02.2021 Технологија

Нови маски за лице со тест што открива Ковид-19 сличен како тестот за бременост

Слично како класичниот тест за бременост, на кој се појавува линија во случај на бременост, во иднина ваков тест може да се стави на маските за лице за да се открие присуство на Ковид-19 во воздухот што сте го дишеле тој ден, овозможувајќи самостојно да ја следите околината низ која минувате.

Ваквите маски беа лансирани од наноинженери од Универзитетот во Калифорнија, Сан Диего, со грант од 1,3 милион долари од програмата „Рапид акселерејшн оф дајагностикс радикал. Инженерите создале мал комплет за тестирање што може да се прикачи на предната страна од која било маска за лице, што може да се произведе масовно, по цена од 3 центи.

Откако ќе дишете низ маската 4-5 часа, ќе ви бидат достапни доволно честички за да утврдите дали сте биле во контакт со вирусот во текот на денот и дали сте се заразиле.

- На многу начини маските се одличен сензор за нашиот сегашен свет. Го земаме она што многу луѓе веќе го носат и го ажурираме со уште една намена за да можеме брзо и лесно да ги идентификуваме новите инфекции и да ги заштитиме ранливите заедници - вели Џеси Џокерст, професор по наноинженерство на Универзитетот во Калифорнија и лидер на проектот.

За да се открие вирусот, оној што ја носи маската треба да го пукне меурчето, кое веднаш ќе испушти течност со чија помош ќе се укаже на присуството на протеази - протеински лепливи молекули произведени од коронавирусот.

test
Фото: UC San Diego

- Тестот е еден вид набљудувачки пристап, слично како да имате детектор за чад во вашиот дом. Секој ден би бил во заднина и ако се активира, тогаш знаете дека постои проблем кој би го анализирале со пософистицирано тестирање - вели Џокерст.

Тестот е совршен за во затворите, засолништата за бездомници, домовите за стари лица, клиниките за дијализа и други области каде што луѓето мора да бидат во близина. Тестот може да спречи епидемии, иако Џокерст вели дека е свесен дека до моментот кога неговата идеја ќе почне да се произведува масовно, програмата за вакцинација може ќе го стави Ковид-19 под контрола.

Но, неговиот тест станува црвен и за оригиналниот САРС вирус од 2003 година, како и за МЕРС, што значи дека ќе може да биде искористен како брзо оружје за идните пандемии што би потекнувале од коронавирусите.

Извор: Good News Network
Фото: UC San Diego
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија