Полицијата во Пенсилванија се обидува да го реши случајот откако минатиот викенд од приколка исчезнале 100.000 органски јајца во вредност од 40.000 долари.
Кражбата се случила во саботата, околу 20:40 часот, во Гринкасл, град кој се наоѓа на околу 100 километри југозападно од главниот град Харисбург. Јајцата биле украдени од приколка за дистрибуција паркирана пред компанијата „Пит & Џерис оргеникс“.
Државната полиција во Пенсилванија пристигнала на местото на кражбата и потврдила дека јајцата навистина исчезнале, но засега нема информации како толку голема кражба можела да се случи незабележано, ниту дали имаат осомничени.
„Пит & Џерис оргеникс“ постои уште од 80-тите, а од 1997 година целосно преминала на органско производство. Според нивната веб-страница, тие соработуваат со повеќе од 200 независни семејни фарми низ Нова Англија, Средноатлантскиот Регион и Средниот Запад.
- Поставувањето повисоки стандарди за земјоделство и грижа за животните не е лесна работа - но ние не само што зборуваме, туку и дејствуваме - велат од компанијата.
Како исчезнале јајцата?
Засега останува мистерија како биле украдени 100.000 јајца без никој да забележи. Додека истрагата е во тек, властите апелираат до граѓаните што имаат какви било информации да се јават во државната полиција во Чејмберсбург.
Дали ова е дело на добро организирана група крадци? Или можеби оваа „омлет-кражба“ има неочекуван пресврт? Останува да видиме како ќе заврши овој невообичаен случај.
Извор:
Abcnews.go
Фото: Freepik