Студиото „Ворнер брос“ планира да сними филм „Игра на троновите“, а на него работи сценаристот на серијата „Куќа од карти“ и авторот на серијата „Андор“, Бо Вилимон.
Тој веќе ја предал првата верзија на сценариото. Сè уште не е избран режисер, ниту пак актери, но странските медиуми наведуваат дека не е јасно дали филмот „Игра на троновите“ навистина ќе биде снимен, со оглед на информациите дека „Ворнер брос“ е во процес на продажба на компанијата „Парамаунт скајденс“. Доколку спојувањето биде одобрено, новото раководство би можело да ги укине филмовите што моментално се во развој.
„Игра на троновите“ е еден од највредните брендови на компанијата, а извршниот директор на „Параманут“, Дејвид Елисон, ветил дека во кината ќе прикажува 30 филма кога двата медиумски гиганта ќе се спојат во една компанија. Тоа значи дека ќе им биде потребна голема количина содржина за да го пополнат заедничкиот продукциски план.
Иако деталите за приказната сè уште не се потврдени, наводно таа се однесува на Егон Први Таргариен, основачот на династијата Таргариен, и неговото освојување на Вестерос неколку века пред оригиналната серија „Игра на троновите“.
Егон Први никогаш не се појави на екранот. Сепак, кралското семејство од кое подоцна потекнува русокосата Денерис Таргариен, која ја глумеше Емилија Кларк, беше основа за две успешни спиноф-серии на Ејч-би-о, „Куќа на змејот“ и „Витез од седумте кралства“.
Серијата „Игра на троновите“, базирана на бестселер фантастичните романи на Џорџ Р. Р. Мартин, траеше осум сезони и освои толку многу награди „Еми“ што би можеле да ги „наполнат“ седумте кралства.
Извор:
021.rs
Фото: Screenshot/YouTube