X
 27.06.2018 Технологија

Следната година ќе почне продажбата на карти за вселенски летови



Ако некогаш сте посакале да полетате во вселената, време е да почнете да штедите затоа што од следната година ќе може да се купуваат билети за вселенски летови. Така најавија од „Блу ориџин“ минатата недела, вселенската компанија на најбогатиот човек на светот – Џеф Безос, шефот на „Амазон“. Кон крајот на оваа година „Блу ориџин“ би требало да почне со тестирање на ракетите за подорбитални летови со човечки екипаж, додека продажбата на комерцијалните летови би требало да почне истата година.


Лансирање ракета
(Фото: Blue Origin)


Во досегашните тестирања на леталата „Њу шепард“ не учествуваше човечки екипаж, но наскоро и тоа ќе се промени, а ако тестовите поминат без проблеми, тогаш ќе дојде редот и за вселенските туристи кои во 2019 година ќе можат да купат билети и да резервираат место за себе за летовите во вселената.

Точниот датум и цената на летовите сè уште не се познати, но јасно е дека билетот за пат во вселената нема да биде евтин. Боб Смит, извршниот директор на „Блу ориџин“, неодамна за медиумите изјави дека прво ќе мора да се погрижат за „добра конфигурација што е стабилна и подготвена за летање“, а кога тоа ќе се постигне, ќе почнат со интерен разговор околу цените, но и околу целокупниот процес на вселенски летови.

Додека Безос и неговиот тим од „Блу ориџин“ имаат намера да почнат со продажба на билети откако ќе се уверат дека леталото е подготвено, „Вирџин галактик“ почна со продажба на билети за вселенски патувања уште пред десетина години, кога развојот на нивното летало сè уште беше во рана фаза. Нивниот прв вселенски турист сè уште не го реализирал патувањето, но досега околу 700 лица платиле барем депозит од вкупната сума во висина од 250.000 долари, колку што чини картата за летање со „Вирџин“.

Благодарение на „Блу ориџин“, како и на компаниите „Спејс екс“ и „Вирџин галактик“, во текот на идната деценија можеме да очекуваме популаризација на вселенскиот туризам за најхрабрите (кои финансиски ќе можат да го издржат товарот), на почетокот само како летови во вселената, а со текот на годините или децениите можеби и со летови до Месечината, Марс и до други планети.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија