Меѓу поинтересните изложби што перманентно и активно се одржуваат во Лондон, Велика Британија, е самостојната ретроспективна изложба на британскиот уметник
Едвард Бара (Edward Burra 1905-1976) во галерискиот простор на Тејт Британ. Во констелацијата на современата светска ликовна уметност мешањето повеќе стилски правци се третира како авангарднo, што во крајна линија е прифатливо ако се имаат предвид одредените влијанија и средината во кои тие се појавуваат. Таква ликовна естетика со посебен акцент на индивидуалност во ликовната изведба е забележлива кај Едвард Бара, уметник кој во своите дела, претежно работени во техника масло и водени бои на платно, ја индицира својата енигматична и надреалиситична природа.
Имено, станува збор за сликар со исклучителен темперамент и иновативност, движејќи се секогаш кон границата на реалистичното, сатиричното и надреалистичното. Таквиот креативен немир најчесто го исполнува со хумор и колажна карикатуралност во изведбата на ликовите, а инспирацијата ја наоѓа во културниот и социјален живот од секојдневието. Така, на пример, во почетната негова фаза доминанти се сцени од евтини кафулиња, кабареа, џез-барови и клубови низ кои ја претставува урбаната андерграунд-фела како израз на неконвенционалност и слобода, т.е. како израз на рапидно променливото општество. На сатиричен начин неговите дела ги истражуваат вибрантноста и двосмисленоста на модерниот свет, платна со буквално театарски и филмски кадри кои на суптилен начин го критикуваат и презентираат современиот живот.
Цртежот игра главна улога кај овој автор, така што преку карикатурата го доловува карактерот на претставениот лик, на негово поживо и поверно прикажување со придружна или дополнувачка улога на бојата („Мезе бар”, „Тројца морнари во бар”, „Харлем”, „Кафе покрај канал,” „Венчавка a la Mode” и сл.). Тука се надоврзувам на изјавата на Ејми Скенлон: „Никој не може да ги претстави сцените на сексуални работници, геј-културата и фигурите од подземниот свет како што тоа го прави Едвард Бара како рефлексија на неговите патувања во Париз и југот на Франција во 1920 година и САД во раните 30-ти години”.
Понатаму, земајќи теми од светското револуционерно минато како што се Шпанската граѓанска војна и Втората светска војна, Едвард Бара ги трансформира предметите и ликовите во еден би рекла илустративен надреализам со елементи на експресивна гротескност и ужас од тоа време. Овде монументалното сликарство има сценографско поставување на композициските елементи, каде што со скулптуралната и атлетската појавност на фигурите и безизрасност на лицата во преден план сака да ја прикаже и, воедно, поистовети суровата реалност со митологијата на чудовишните фантазерски претстави.
Во текот на животот Едвард Бара интензивно патувал и особен впечаток му оставиле земјите Франција, САД, Мексико и Шпанија, каде што создавал дела во кои ставал посебен акцент и око во обработка на деталите од неговите културни погледи, сликајќи луѓе кои се на работ на својата егзистенција и лични доживувања пред да се врати дома. Одредувајќи си го техничкиот и ликовно-естетскиот дијапазон и резултат на уметноста, разновиден сам по себе, Бара во основа останува тоа што, всушност, и го изразува во своите творби, свртен кон сатиричност во изразот, тој ги задржува тесните врски со појавното со кубистичка и надреалистичка интонираност. Со длабока емоција и верба експериментира со валерите на бојата, нејзините нови соодноси и вредности, не ограничувајќи ги неговите натамошни сознанија на тоа поле. Неговиот т.н. фантастичен реализам, и покрај литерарната и музичката инспирација, големо внимание обрнува на деталите во изведбата како своевидна фотографска меморија, но и на контурниот-колористички ритам со кој ја гради сликарската целина.
Исто така, Едвард Бара е познат како автор кој се интересира исклучително и за пејзажот, и тоа претежно за зелените бујни англиски долини. Најчесто тоа се дела од понов период каде што слика хоризонти кои се прогонети од духови и митолошки претстави како симбол на револт кон модерното општество и уметниковата загриженост за деструкцијата, загадувањето и уништувањето на природната средина. И покрај тоа што ги изработува во водени бои, неверојатно е движењето на четката на цврста конструкција и колористичко решение на пределот, но и воочливи се авторовите настојувања кон чистата ликовност и поапстрактен карактер во друг дел од изложените платна (
„Долина и река“, „Немирен пејзаж“, „Пејзаж со фигури” и сл.).
Без оглед на интенциите на овој уметник, она што несомнено најмногу остава впечаток на платната е сликањето на голем број портрети-карикатури во едно социјално опкружување кое пулсира со живост, драматичност и веселост на урбаниот ноќен живот, изразувајќи го со потсмев и критика постоењето на една група, менталитет, културна средина и амбиент. Ликовниот израз на Едвард Бара е еклектичен, без разлика дали тоа го прави свесно или несвесно, следејќи една внатрешна линија на континуитет и доследност на самиот себе.
Автор: Марија Стојческа, историчар на уметност