X
 05.09.2025 Живот

Севернокорејците ги отстранија сите траги од Ким Џонг Ун по средбата со Путин во Пекинг

Северна Кореја ги избришала сите траги од својот лидер Ким Џонг Ун по средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг. Севернокорејскиот персонал внимателно ги исчистил сите предмети што Ким ги допрел.

Иако изгледаше дека се развива пријателство меѓу Ким и Путин, снимките во средата покажаа дека изолираната држава презема вонредни мерки за да сокрие какви било траги поврзани со здравствената состојба на Ким.

Новинарот на Кремљ, Александар Јунашев, споделил видео на „Телеграм“ во кое се гледаат двајца асистенти на Ким како ја чистат просторијата каде што севернокорејскиот лидер и Путин разговарале повеќе од два часа. Тие внимателно ги избришале потпирачите и задниот дел од столицата на која седел Ким, како и масичката за кафе до неа. Чашата од која пиел Ким била целосно отстранета.

Јужнокорејските и јапонските разузнавачки служби известиле дека севернокорејскиот лидер и овој пат носел сопствен тоалет, исто како и при неговите претходни патувања во странство.

Протокол од времето на Ким Џонг Ил

Овие мерки се стандардна практика уште од времето на неговиот татко и претходник, Ким Џонг Ил, вели Мајкл Меден, експерт за севернокорејското раководство од американскиот институт „Стимсон Центар“.

- Специјалниот тоалет и неопходните кеси за отпадоци, ѓубре и отпушоци од цигари се користат за странска разузнавачка служба, дури и пријателска, да не дојде до примероци и да не ги тестира - објаснува Меден.

Тој додава дека честички од коса и кожа би можеле да откријат информации за можни здравствени проблеми на севернокорејскиот лидер.

Тимот на Ким и претходно преземал вакви мерки за безбедност. По самитот со Доналд Трамп во Ханој во 2019 година, обезбедувањето на Ким неколку часа ја чистело неговата хотелска соба и отстранило предмети, вклучително и душекот од креветот.

За средбата во 2018 година со тогашниот јужнокорејски претседател Мун Џае-ин, обезбедувањето на Ким ја испрскало со дезинфекциско средство столицата и масата, а потоа внимателно ги избришало пред тој да седне.

Пред самитот со Путин во 2023 година, асистентите на Ким не само што ја дезинфицирале столицата, туку ја провериле и со метален детектор.

Претходно, новинарите забележале дека Путин при патувања во странство е придружуван од телохранител кој ја собира неговата урина и измет од тоалетите во куфер и ги враќа назад во Русија.

Извор: Pravda.com.ua
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот