Британското студио „Заха Хадид архитектис“ објави нови фотографии од мостот „Данџијанг“ во Тајван, кој ќе биде најдолгиот мост во светот со еден столб и кабелска потпора.
Според најавите, отворањето е планирано за 12 мај 2026 година, а главната структура на мостот неодамна е завршена со поставување на последниот сегмент од челичната плоча, која целосно ги поврзува двете страни на реката Тамсуи.
Најдолгиот распон е 450 метри
Мостот „Данџијанг“ е асиметричен мост со кабелски столб. Неговиот најдолг распон е 450 метри, со бетонски столбови во форма на буквата „Y“ кои го потпираат мостот поблиску до копното.
Каблите на новиот мост се протегаат асиметрично од еден бетонски столб висок 200 метри и се дизајнирани да издржат екстремни временски услови и сеизмички тешкотии.
Мост-рекордер
-Мостот „Данџијанг“ е најдолгиот мост со еден столб во светот и е составен дел од сеопфатната програма за надградба на инфраструктурата во регионот - наведуваат архитектите.
Изградбата е дизајнирана да го намали сообраќајниот метеж на малите локални патишта, со поврзување на автопатите од двете страни на реката Тамсуи. Исто така, се надеваат дека ќе го олеснат сообраќајот на мостот „Гуанду“, кој се наоѓа пет километри по текот на реката.
Целта на архитектите била да создадат мост со скулптурална силуета што ќе биде што е можно потенка, со што ќе се минимизира попречувањето на погледот кон зајдисонцето.
Како што велат архитектите, дизајнот со еден столб го намалува и влијанието на структурата врз речното корито, во согласност со строгите програми утврдени за заштита на екосистемот на реката.
Откако ќе се заврши главната структура на мостот, следните фази од изградбата ќе вклучуваат поставување асфалт на патот, осветлување и спроведување тестови за структурно оптоварување. А кога ќе биде отворен за употреба следната година, мостот ќе има и пешачки и велосипедски патеки.
Извор: gradnja.rs
Фото: YouTube screenshot