Спречен хакерски напад врз неколку центри за складирање крв во Франција, пред да успее да предизвика материјална штета или да ги загрози животите на пациентите, потврдија официјалните француски власти.
Сајбер-криминалците се обидоа да ја зголемат температурата во разладните комори за да ги уништат скапоцените резерви на крвна плазма наменети за трансфузија и производство на витални лекови, пренесе „Јуроњуз“.
Хакерите не ги пробија директните системи на здравството, туку инфраструктурата на надворешниот добавувач на разладни уреди, но автоматските аларми и брзата реакција на дежурниот персонал спречија катастрофа — сите препарати се преместени на сигурно.
Француската установа за крв (ЕФС) прецизираше дека цел биле комори со кеси плазма подготвени за итни трансфузии, како и резерви што се користат во фармацевтската индустрија за изработка на лекови од крвни деривати.
- Системите за надзор и автоматско алармирање брзо ги открија неправилностите во поставките за температурата. Благодарение на тоа, медицинскиот персонал реагираше во рекорден рок и обезбеди крвните препарати и примероци да останат на безбедно. Не се забележани никакви здравствени последици и ниту еден препарат не е изгубен - се наведува во официјалното соопштение на ЕФС.
Надлежните истакнаа дека процесот на собирање, складирање и дистрибуција на крв во француските болници се одвива непречено.
Продолжување на бранот напади врз системите за ладење во Европа
Овој инцидент следуваше по низата слични, координирани сајбер-напади кои ги погодија европските трговски синџири.
Во текот на октомври беа забележани упади во системите за ладење на стотици супермаркети низ Франција и остатокот од Европа. Хакерите и во тие случаи ја подигаа температурата во индустриските замрзнувачи и ладилници, што доведе до расипување на огромни количини храна и повеќемилионска материјална штета.
Опсежна истрага за најновиот напад врз здравствената инфраструктура покренаа француската Национална агенција за сајбер-безбедност (АНССИ) и Министерството за здравство, со цел утврдување на идентитетот и мотивите на напаѓачите.
Извор: бука
Фото: magnific