X
 05.12.2018 Технологија

Митови за „Инстаграм“ во кои не треба да верувате

„Инстаграм“ стана една од најкористените социјални мрежи на денешницата. Но, заедно со тој статус доаѓаат и митови за оваа платформа кои немаат никаква врска со реалноста. Еве на што треба да посветите внимание.

1. „Инстаграм“ ќе ви забрани активност без да знаете

Мит: „Инстаграм“ наводно ги забранува корисничките профили што ги смета за недолични, привремено или трајно, без претходно предупредување, па корисникот не ни забележува дека забраната стапила во сила. Корисниците чија активност е забранета наводно се соочуваат со значителен пад на интеракциите со други корисници. Тие веруваат дека нивната содржина не се прикажува во резултатите од пребарувањата по хаштази, поради што имаат мал досег кога станува збор за публика.

Вистина: Од „Инстаграм“ тврдат дека не се занимаваат со забрани од овој вид. Нема да добиете забрана доколку користите премногу хаштази или поради некои други мали прекршоци. Одредени профили навистина би можеле потешко да го најдат патот до поголема публика, но во „Инстаграм“ велат дека тоа е последица на лош маркетинг.

2. Вие сте сопственици на хаштагот на вашиот бренд

Мит: Хаштагот што ќе го креирате за својот бренд на „Инстаграм“ е ваша приватна сопственост и другите не смеат да го користат без ваша дозвола. Во спротивно, можете да ги тужите поради неовластено користење.

Вистина: Можеби ќе се изненадите, но ова не е вистина. Не, не сте сопственик на содржината на социјалната мрежа. Сè што ќе објавите на „Инстаграм“ е во сопственост на самата страница. Не можете да полагате права на хаштагот, иако постојат исклучоци во случаи кога станува збор за заштитени називи. Сепак, и тогаш не можете да ги спречите луѓето да не ги користат хаштазите.

3. „Инстаграм“ ги сокрива вашите објави

Мит: „Инстаграм“ намерно ги крие вашите објави за да не бидат видени од поголем број луѓе.

Вистина: Социјалната мрежа користи комбинација од алгоритам и историјата од вашата интеракција со другите корисници за да одреди кои објави се најважни за вашата публика.

Фото: Tportal

4. Купувањето следбеници на „Инстаграм“ има смисла

Мит: Купувањето лајкови и следбеници е пократкиот пат по кој може да станете инфлуенсер. Алгоритамот за пребарување на „Инстаграм“ ќе го забележи огромниот број лајкови и следбеници и така ќе успеете да станете инфлуенсер. Последователно, тоа ќе привлече нови следбеници за кратко време.

Вистина: „Инстаграм“ ги казнува корисниците што посегнуваат по лажни лајкови и следбеници. Освен тоа, купувањето следбеници не помага во зголемувањето на интеракцијата со корисниците. Но, знаете ли што би помогнало? Добра содржина.

5. Користењето премногу хаштази е лошо


Мит: „Инстаграм“ ги казнува корисниците што претеруваат со хаштазите затоа што огромниот број хаштази, наводно, ги одвраќа посетителите, а алгоритамот на „Инстаграм“ за филтрирање на содржините ги препознава како спам.

Вистина: Хаштазите на „Инстаграм“ служат за полесно пробивање низ морето од содржини и да го најдеме она што нè интересира. Затоа, колку повеќе хаштази користите, толку подобро - но бидете разумни и умерени. Притоа поважна е релевантноста на хаштазите, а не нивниот број.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија