Една инфлуенсерка од „Инстаграм“ оди на терапија. Еден истражувач првпат покажува што се случува во мозокот кога ќе лајкнеме нешто, а една професорка има идеја со која денешниот свет на социјални мрежи би се превртел наопаку.
Викторија ван Вајоленс на „Инстаграм“ ја следат повеќе од 200.000 лица. Ги гледаат нејзините убави фотографии направени на плажа, на фестивали, дома со кучето. Но, покрај фотографиите со најмногу лајкови, често има текстови што не се совпаѓаат во совршениот свет на „Инстаграм“.
- Секој има фази кога му е навистина грозно, но за тоа едноставно не зборуваме. Негативните чувства, неуспесите, разделбите, губењето на работата... Тоа се маани во нашето општество, но сето тоа е сосема нормално - вели таа.
Инфлуенсерката, чие вистинско име е Викторија Милер, редовно оди на психотерапија. Пред неколку години морала да ја преброди депресијата.
- Постојано високо ниво на стрес, никогаш крај на работата - синдромот на работна исцрпеност го има во многу професии - вели таа.
Истовремено, на „Инстаграм“ постојано има споредување со другите, не само по бројот на следбеници или лајкови.
- Другите имаат поинтересен, подобар живот. Во сите можни области на животот човекот може да биде полош од другите - вели Викторија.
Таа веќе некое време се занимава со важни и сериозни теми, како што се заштита на климата, омраза на интернет или менталното здравје. Следбениците тоа добро го прифатиле. Сепак, повеќето профили на „Инстаграм“ и понатаму се „совршен свет“. Фотошопот и пластичните операции се дел од светот на инфлуенсерите и корисниците. Оваа платформа секојдневно ја користат повеќе од 500 милиони лица - толку луѓе живеат во Европска Унија.
Како храна, пијалаци, секс
Зошто на луѓето им е толку фасцинантна оваа програма? Што се случува во нашиот мозок кога ја користиме?
- Ние сме социјални суштества. Уште во камено време било полесно да се преживее во група - вели Дар Меши, невролог од државниот универзитет во Мичиген.
Тој е првиот научник во светот што ги проучувал корисниците на социјалните мрежи со магнетна резонанција. Скенирањето на мозокот покажало кои делови од овој орган се активни кога објавуваме нешто на мрежата, кои кога лајкнуваме и кои кога се лајкнува нешто наше. Секоја од тие акции на мрежата предизвикува реакција во мозочниот центар за награда. Тој дел од мозокот инаку е активен кога станува збор за храна, пијалаци, секс, пари или за користење дрога.
На социјалните мрежи е лесно да се активира тој „центар за награди“. Во тек на 24 часа човекот може да се поврзе со стотици или илјадници луѓе, а притоа да не мора ни да стане. Притоа, научникот не сака да го користи зборот „зависност“, за него тој збор е прејак. Сепак, тој наведува научни студии и случаи кои покажуваат дека луѓето спиеле полошо, имале полоши оценки или дури ја губеле и работата затоа што не можеле доволно долго да се одделат од социјалните мрежи
Мит за допаминот
Допаминот е трансмитер во мозокот кој често се поврзува со социјалните мрежи. Експериментите со пари покажале дека тој се лачи и кога човекот само се надева на успех. Истражувачите на тој начин објаснуваат зошто луѓето продолжуваат да висат на автоматите за игри на среќа или зошто непрестајно ги проверуваат своите апликации.
Меши, сепак, не може да потврди дека допаминот и употребата на социјалните мрежи се поврзани, но и тој претпоставува дека надежта дека центарот за наградување во мозокот ќе биде активиран ги прави социјалните мрежи толку атрактивни.
Нашиот мозочен центар за наградување не се активира само кога ќе добиеме лајкови. Тој се активира и кога ние лајкнуваме други фотографии или едноставно од љубопитност ќе погледнеме што прават нашите пријатели. Меши тоа го објаснува со фактот дека статусот во групата ни е многу важен и дека сакаме другите да н сакаат.
Постојано споредување со другите
Професорката по медиумска етика Петра Грим исто така се прашува дали поривот за меѓусебно споредување е вроден или културолошки условен. На платформите како „Инстаграм“ луѓето постојано се споредуваат меѓу себе.
- Тоа станува проблематично кога споредувањето доведува до девалвација или означува супериорност - вели таа.
Постојаното споредување може да ги спречи младите лица да откријат кои се всушност.
- Кога ги следам инфлуенсерите за да се ориентирам според нив, на пример, што да облечам, што да консумирам и како би требало да живеам - а истовремено се трудам да бидам единствена, тешко можам да се сконцентрирам на тоа што всушност се моите желби - вели професорката.
Нова визија на светот на социјалните мрежи
Тогаш кој би требало да сноси одговорност за менталното здравје на корисниците на социјалните мрежи? Таквите платформи имаат интерес да ги задржат корисниците што е можно подолго на телефоните бидејќи така заработуваат пари. Петра Грим смета дека за тоа се одговорни интернет-платформите. И притоа тврди дека би било наивно да се очекува тие сами да променат нешто и со тоа да го загрозат својот модел на работа. Затоа таа нуди поинаква визија.
- Мора да постои јавно-правен модел, најдобро на ниво на ЕУ. Платформа која би ги штитела податоците, приватноста и менталното здравје на корисниците. Не е можно немоќно да сме се препуштиле на американските играчи да расправаат за правилата. Би можело да се придобијат инфлуенсери, кои би биле активни на новата побезбедна платформа со јасни правила - се надева Грим.
А инфлуенсерите?
Викторија вели дека на „Инстаграм“ најмногу ѝ пречат несигурните алгоритми. Имено, апликацијата постојано се менува.
- Фрустрирачки е кога поради нов алгоритам, на луѓето воопшто не им се прикажуваат моите фотографии.
Оваа 30-годишна девојка е сигурна дека платформата ќе се промени, а со тоа и самата професија инфлуенсер. На „Фејсбук“ денес речиси ниеден инфлуенсер не е толку активен како на „Инстаграм“.
Кога станува збор за одговорноста, таа смета дека ја имаат инфлуенсерите.
- Луѓето што создаваат содржина во професионални рамки мора да бидат потранспарентни - нагласува таа додека коментира колку содржини на оваа социјална мрежа се лажни.
Што е добро за мене?
Грим смета дека најголеми можности за промени има во училиштата. Таму има огромна потреба за превентивна работа.
Од една страна, наставниците би требало да ги објаснат стратегиите на концерните кои се сопственици на социјалните мрежи. Учениците мора да имаат повеќе можности да разговараат за тоа што им прави користењето на социјалните мрежи. Важно е секој да може да ја најде својата рамнотежа за точно да знае што е добро за него, смета Грим.
Викторија, која поради работата секојдневно на „Инстаграм“ минува од 2 до 6 часа, во деновите кога не се чувствува добро свесно минува помалку време на мрежата, а повеќе со фамилијата и пријателите.
- Свесна сум дека сето тоа на интернет не е реално. Денес илјадници луѓе ви велат дека сте сјајни, а утре може да биде сосема поинаку. Ако во реалниот свет немате стабилна мрежа на луѓе, тогаш немате ништо - вели таа.
Затоа оваа инфлуенсерка смета дека нејзината хонорарна работа како радиоводител е поодржлива.
Ниту Петра Грин, ниту Викторија, ниту Меши не ги оцрнуваат социјалните мрежи. Велат дека тоа е единствен начин за поврзување со
другите.
- Социјалните мрежи се место кое можете сами да го осмислите. Ако луѓето што ги следам прават да се чувствувам лошо, не би требало да ги следам повеќе - вели Викторија.