Колку вода ви е потребно во текот на денот? Прашањето е вообичаено, меѓутоа, одговорот не е толку едноставен.
Индивидуалните потреби за вода всушност се многу променливи. Експертите сметаат дека количината течност што му е потребна на организмот зависи од низа фактори, а меѓу другото и од нашиот животен стил.
За почеток добро е да се знае дека човечкото тело содржи околу 70% вода, која секојдневно ја губиме преку дишењето, потењето... Во која мера губиме вода, зависи од факторите: здравјето, колку еден човек е активен и каде живее. Низ тие одредени насоки може да се одреди оптималното внесување вода. Ако претпоставиме дека не сте професионален спортист кој живее на температура од 35 степени, тогаш веројатно дневно губите околу 2,5 литри вода.
Со храната што ја јадете надоместувате вода, така што испаѓа дека жените дневно треба да испијат 1,5 до 2 литри вода, додека за мажите оваа бројка се движи околу 3 литри. Не мора ригорозно да се држите до овие бројки, меѓутоа, настојувајте да испиете неколку чаши во текот на денот бидејќи недостигот на вода може да предизвика дехидратација која пак може да предизвика голем број проблеми.
Со дехидратацијата, освен водата, од организмот се губат и важните соли, како што се калиум и натриум, а првите симптоми се сувост на устата и жед. Луѓето ова секојдневно го доживуваат и поради тоа го игнорираат. Во следниот степен се појавува покачена температура, замор, вртоглавица и грчење во нозете и рацете, а способноста за концентрација и координација е видно намалена.
Подолгата дехидрација ја намалува функционалноста на ензимите, предизвикува побрзо стареење, а телото губи есенцијални аминокиселини.
Имајте на ум дека постојат моменти кога треба да се зголеми количеството вода. Ова особено важи кога сте физички активни и кога повеќе се потите, како и кога одите на одмор на место со високи температури, како и во случај на болести или за време на бременост.