X
 06.01.2017 Наука

Мозочната функција кај лицата со дислексија

Постојат различни начини на кои функционира мозокот за време на читање кај лицата со и без дисклесија. Вистинското прашање е како овие начини се разликуваат и дали разликите можат да откријат кои се причините за појава на дислексија. Истражувачи од Бостонскиот универзитет преку магнетна резонанца се обиделе да ги адресираат овие прашања.

Дислексијата се опишува како оштетување при читање, но дислексичарите генерално имаат намалена способност и за извршување на други задачи.

Дали некогаш сте започнале разговор со некој кој зборува со непознат акцент и сте откриле дека имате потешкотии да разберете што ви зборува? Она што често се случува во вакви ситуации е дека слушателот брзо се адаптира на непознатите звучни сигнали и разбирањето се подобрува по само неколку реченици. Овој процес се нарекува перцептивна адаптација.

Истражувачите користеле магнетна резонанца за да ги испитаат невропсихолошките корелации на перцептивната адаптација кај лица со и без дислексија. Деловите во мозокот кои се активни кога луѓето слушаат како некој зборува полесно се идентификуваат со помош на магнетна резонанца. Активноста во некои делови е голема кога гласот е нов за слушателот но брзо се намалува кога настапува перцептивната адаптација. Активноста се намалува бидејќи мозокот станува поефикасен во процесирањето на звукот на гласот. Намалувањето на мозочната активност која е проследена со перцептивна адаптација се нарекува невролошка адаптација.

mozok
Фото: Freepik

За да се испита невролошката адаптација кај дислексијата, истражувачите барале од лицата од двете групи да изведат едноставни задачи, како што е поврзување на слика со кажан збор. Едната група слушала зборови кои била кажувани од ист глас, а другата група слушала зборови од различни гласови. Невролошката адаптација треба да настапи кога зборовите се кажани од еден ист глас. Кога дислексичарите го слушале истиот глас како ги кажува зборовите, невролошката адаптација се случувала, но била значително намалена. Дислексичарите не научиле доволно од слушањето на истиот глас и како резултат на тоа не ги процесирале информациите толку ефикасно како оние кои немаат дислексија.

Постои цврста основа од претходни истражувања кои индицираат дека оштетувањата при читањето се силно поврзани со нарушувања во способноста за говор. Истражувачите сакале да знаат дали намаленото ниво на невролошка адаптација кај дислексичарите се случува и кога зборовите се кажуваат и кога зборовите се читаат. Побарале од нови две групи да читаат делови со зборови кои или биле измислени од еден ист збор кој бил повторуван или пак од различни зборови. Резултатите од напишаните зборови биле исти како и изговорените зборови – невролошката адаптација се случувала кога истиот збор бил повторуван за лицата без дислексија, но била драстично намалена кај оние со дислексија.
Што значи, резултатите индицираат дека дислексијата ја вклучува намалената невролошка адаптација и кај напишаните и кажаните зборови.

Резултатите од истражувањето покренале неколку прашања. Прво, ако дислексијата вклучува систем на намалување на невролошката адаптација при перцептивни дразби, зошто тогаш се манифестира само при читање?Зошто оние кои имаат дислексија немаат потешкотии при зборување или препознавање лица и предмети? Одговорот на прашањата според истражувачите е дека јазикот и визијата се од фундаментално значење за луѓето. Човековиот мозок се развивал долго време за да го надмине дефицитот на овие два дела на повеќе начини. Истото не е вистинито за читањето кое е релативно ново во човековиот развој. Некои од невролошките подлоги кои го поддржуваат читањето не се толку силни како подлогите кои ја водат визијата и јазикот, што ја прави способноста за читање да биде почувствителна и подложна на нарушување. Ова е хипотеза за која се чека и емпириска поддршка.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука