X
 06.01.2026 Живот

Јануари не е ист за сите: Што го прави овој месец толку посебен?

Јануари отсекогаш имал посебно место во свеста на луѓето бидејќи симболизира нов почеток, затворање на едно поглавје и отворање на друго. Иако денес изгледа како природен вовед во годината, неговата улога во календарот се формирала постепено и била условена од општествени, политички и културни промени.

Од античкиот Рим до современото време, овој месец бил поврзан со ритуали, планови и очекувања. Луѓето во него барале знаци за иднината, носеле важни одлуки и поставувале темели за она што доаѓа. Токму затоа, јануари крие многу интересни работи кои ја прикажуваат врската на човештвото со времето и промените.

Од римскиот календар до симболиката на вратите: Како јануари стана почеток на новата година?

Во стар Рим годината не започнувала во јануари, туку во март, месец посветен на богот Марс. Дури за време на владеењето на кралот Нума Помпилиј јануари бил додаден во календарот како посебен месец и постепено ја добил улогата на почеток на годината. Името му потекнува од зборот „иануа“, што значи врата или премин, а е поврзано со богот Јанус, божество со две лица кое гледа и во минатото и во иднината.

Оваа симболика совршено се вклопила во идејата за нов почеток. Јануари станал време кога се насочуваме кон минатото и се подготвуваме за она што доаѓа, концепт кој останал до денес во речиси сите култури на светот.

Зошто јануари има посебно место во традицијата?

Во многу култури јануари е месец на новогодишни одлуки, кои претставуваат лични ветувања и желба за промена. Овој обичај има длабоки корења во минатото, кога луѓето во првите денови од годината им давале завети на боговите, надевајќи се на заштита и успех во следните месеци.

Интересно е што јануари не значи исто насекаде. Во Кина овој месец често паѓа во периодот на лунарната нова година, кога со ритуали, фенери и семејни собирања симболично се „брка“ лошата среќа и се повикува просперитет. Во некои северни култури јануари бил време на тишина и одмор, посветен на планирање и внатрешен баланс.

Иако често се смета за најстуден месец, јануари не е ист во сите делови на светот. На јужната хемисфера означува врв на летото, додека во некои региони ја носи титулата на најстуден месец. Исто така, јануари е познат по распродажбите, кои првпат биле забележани во Велика Британија во 1865 година како начин за расчистување на резервите по празниците.

Јануари има и најмногу денови посветени на меѓународни обележувања, како Денот на прегратките или Денот на благодарноста кон природата. Статистиките покажуваат дека токму во јануари луѓето најчесто започнуваат нови проекти, менуваат навики и носат важни животни одлуки, водени од симболиката на „чист почеток“.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот