X
 06.03.2020 Живот

Пар од Индија создал оаза за тигрите и така ги спасил фармерите од напади

Љубовта кон природата и дивиот свет го натерала Индиецот Адитја Синг уште во 1998 година да се откаже од работата во јавните служби, да ја напушти куќата во Делхи и да се смести во зафрлен дел на Раџастан, веднаш до познатиот резерват за тигри Рантамборе (РТР). Во текот на изминатите 20 години Синг купувал земјиште во близина на Рантамборе и едноставно оставал шумата да си расте.

Откако се преселил во Саваи Мадопур, мал град во близина на резерватот, Синг почнал да се занимава со фотографија. Заедно со неговата сопруга Пунам отворил туристички ресорт за да може да заработуваат. За разлика од другите туристички објекти кои сакаат неограничен пристап до дивите области, тие полека почнале да купуваат парцели околу РТР.

- Областа се вика Бадлав. Првпат таму бев по преселувањето во Рантамборе заедно со еден режисер од Би-би-си. Оваа област во близина на резерватот беше посетувана од предатори како тигри, кои доаѓаа за лов. Како резултат на тоа, фармерите го продаваа своето земјиште - вели Синг.

Пунам се сеќава дека за неа било љубов на прв поглед кога првпат го посетила Рантамборе со Адитја.

- Првата глетка беше тигрица со три малечки на еден рид. Беше магично. На крајот од патувањето само му реков да се преселиме во Рантамборе. И тој сакаше, па за неколку месеци се преселивме. Што се однесува до ова земјиште, тоа беше сон кој и двајцата го имавме и заедно го остваривме - да имаме наш дел од дивината - вели таа.

Пунам, која по професија е артист, го менаџирала ресортот со Адитја цели 20 години, сè до затворањето минатата година.

Сега овој пар поседува околу 35 акри (околу 14 хектари) земјиште во Бадлав, дополнителни 5 акри малку подалеку и парче земјиште кое ги поврзува двата дела.

- Само го купив ова и не правев ништо освен отстранување на инвазивните видови. Дозволивме земјиштето да закрепне и сега, по 20 години, стана бујно зелено парче шума кое често е посетувано од секакви животни, вклучително и тигри, леопарди и диви свињи - истакнува Синг.

На снимка направена од воздух лесно може да се забележи нивната парцела - буен зелен дел кој се истакнува среде пустото земјиште на резерватот за тигри. Адитја направил и неколку дупки за вода на парцелата за да се осигури дека дивите животни ќе имаат вода и во текот на летото.

Како резултат на тоа, притисокот од тигрите што од резерватот оделе во полињата на фармерите се намалил.

- Тоа е така затоа што животните сфаќаат дека во овој дел од шумата можат да си ловат, да најдат вода и безбедно засолниште без некој да ги вознемирува - објаснува Адитја.

Индија има 50 резервати за тигри, а Рантамборе е меѓу најголемите и најпознатите со проценета популација од околу 60 тигри.

Синг признава дека често го прашуваат зошто не спроведува проекти на неговото сега многу вредно земјиште и покрај многуте предлози.

- Никогаш не мислев на пари, само на мојата љубов кон природата и дивиот свет. Деновиве добивам и прашања од луѓе од Индија кои сакаат да направат сличен модел во нивната држава - вели тој.

Но, сонот не е целосно остварен. Синг вели дека сака да купи уште земјиште во близина на неговите полиња и да ги инспирира и другите во областа да постапуваат како него.


Извор: Quartz
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот