X
 06.04.2026 Живот

„Нетфликс“ мора да им врати пари на Италијанците поради нелегални поскапувања, некои ќе добијат до 500 евра

Граѓанскиот суд во Рим донесе пресуда со која едностраните измени на цените на претплатите на „Нетфликс“ во периодот од 2017 до јануари 2024 година се прогласуваат за незаконски. Одлуката следуваше по тужбата од Здружението за заштита на потрошувачите, кое ги оспори договорните клаузули на таа стриминг-платформа. Според образложението на судот, „Нетфликс“ не ги навел јасно оправданите причини за идните поскапувања, со што е прекршен италијанскиот Кодекс за потрошувачи.

Спорни одредби од условите за користење

Судот утврди дека една клаузула, која на платформата ѝ овозможувала промена на цените без претходно дефинирани критериуми и причини, нема правна сила. Тоа значи дека сите зголемувања на цените на претплатите, воведени во 2017, 2019, 2021 и во ноември 2024 година (за договорите склучени пред јануари 2024 година) се прогласени за неважечки. Со оваа одлука опфатени се милиони корисници во Италија кои со години плаќале повисоки претплати.

Според правните експерти, корисниците на премиум пакетот што ја користеле услугата непрекинато од 2017 година имаат право на поврат од приближно 500 евра. За корисниците на стандардниот пакет тој износ е околу 250 евра, а погодени се и корисниците на основниот пакет на кои цената неоправдано им растела.

Поврат на парите и поевтинување

Освен поврат на парите, судот му наложи на „Нетфликс“ да ги ревидира актуелните цени на претплатите за корисниците на кои се однесува пресудата. Така, цената на премиум пакетот треба да се врати од 19,99 на 11,99 евра, додека стандардниот пакет би паднал од 13,99 на 9,99 евра месечно.

Од „Нетфликс“ веднаш најавија дека ќе поднесат жалба. Портпаролот на компанијата изјави дека правата на потрошувачите се нивен приоритет, но цврсто веруваат дека нивните услови за работење секогаш биле во согласност со италијанските закони. Компанијата побара и привремено одложување на извршувањето на пресудата додека трае жалбената постапка. Од друга страна, Здружението на потрошувачи ја поздравува одлуката на судот како историски чекор во заштитата на правата на корисниците на дигиталните платформи и предупредува дека доколку „Нетфликс“ не започне со поврат на средствата и намалување на цените, ќе покрене колективна тужба.

Судот му одреди рок од 90 дена на „Нетфликс“ преку е-пошта, пошта, својата веб-страница и италијанските дневни весници да ги извести милионите сегашни и поранешни корисници за нивното право на поврат на парите, со закана за казна од 700 евра за секој ден доцнење. 

„Нетфликс“ во Италија има повеќе од пет, а можно и до осум милиони претплатници.

Извор: bug
Фото: freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот