X
 06.05.2025 Живот

Крај на „златните пасоши“: Ниту една држава од ЕУ повеќе нема да смее да продава државјанства

Судот на Европската Унија ѝ стави крај на последната шема за доделување таканаречени „златни пасоши“ во ЕУ. Но, некои земји бараат правни дупки за сепак да заработат пари.

Мануел Делија, блогер против корупцијата и извршен директор на граѓанската организација „Република“ од Малта, дванаесет години се бореше за овој исход.

- Очекував лоши вести, но откако дознав, за малку ќе вреснев од радост - вели Делија, кој се борел против програмата на малтешката влада што им овозможувала на странски инвеститори да добијат малтешко државјанство.

Малта беше последната земја во Европската Унија што нудеше вакви „златни пасоши“. Сличните програми во Бугарија и Кипар изминативе години беа укинати. Одлуката, вели Делија, е признание за работата на неговата блиска соработничка и пријателка Дафне Каруана Галиција, малтешка новинарка која прва јавно укажа на опасностите од ваквото „државјанство преку ред“ и беше убиена.

Во 2022 година Европската комисија покрена постапка против Малта поради нејзината практика да доделува државјанства најмногу врз основа на инвестиции во недвижности. Според Комисијата, примателите на државјанство на ЕУ треба да имаат „вистинска поврзаност“ со земјата, а не само финансиска обврска. Делија, сепак, очекуваше негативен исход бидејќи правното мислење објавено во октомври 2024 од генералниот адвокат на судот одеше во прилог на ставот на малтешката влада. Честопати, судот го следи ваквото мислење, но овој пат не беше така.

Не можете да му ставите цена на државјанството

Највисокото правно тело на ЕУ пресуди дека малтешката политика го сведува државјанството на обична трговска трансакција и дека таквата практика не овозможува создавање на неопходната врска на солидарност и добра волја меѓу државата членка и нејзините граѓани, ниту пак обезбедува меѓусебна доверба меѓу земјите на Унијата.

- Чувството е навистина добро затоа што ова се темели на вредности, на принципи, на солидарност. Судската одлука потврди сѐ што говоревме со години: дека оваа програма не е оправдана само затоа што носи инвестиции. Не можете да му ставите цена на државјанството. Тоа вреди многу повеќе од парите - вели Делија, укажувајќи на тоа дека секој што поседува малтешки пасош има и пристап до сите други држави од Европската Унија.

Од самиот почеток на програмата, Делија и други активисти поставуваа прашања за тоа колку темелно властите проверувале дали инвеститорите навистина престојувале во Малта бидејќи многумина од нив, според податоците, не биле присутни во земјата во периодот кој е предвиден со закон.

Извор: Vecernji.hr
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот