X
 06.05.2025 Живот

Зошто Швајцарците сѐ уште сакаат кеш в рака?

Во Швајцарија сè повеќе се користи електронскиот начин на плаќање наместо готовина. Сепак, Швајцарците остануваат исклучително приврзани за монетите и банкнотите, до таа мера што може да ги изненади дури и луѓето надвор од земјата.

Последниве години дигиталното плаќање стана доминантно во секојдневните трансакции. Овој тренд дополнително се засили за време на ковид-пандемијата, кога од здравствени причини многумина избегнуваа размена на готовина и преферираа бесконтактни плаќања.

Во Швајцарија неколку фактори веќе извесно време придонесуваат за постепено намалување на употребата на готовина. Сè поголемата популарност на апликацијата „Твинт“, развиена од швајцарските финансиски институции, е добар пример за тоа.

Само минатата година „Твинт“ забележа рекордни 773 милиони трансакции, што е зголемување од 31 отсто во споредба со претходната година. Од нејзиното појавување во 2017 година, кога забележала само четири милиони трансакции, растот е експоненцијален.

На пример, на еден фудбалски натпревар во Берн посетителите можеле да платат само со готовина или со „Твинт“.

Иако истражувањата досега покажуваа дека Швајцарците сè уште претпочитаат готовина, тоа почнува да се менува. Шестото издание на Швајцарскиот мониторинг за плаќање, спроведено од Универзитетот за применети науки од Цирих и Универзитетот „Сент Гален“, покажа дека готовината и понатаму се користи, иако значително помалку во споредба со 2019 година.

Но, неизбежното се случи. Според извештајот на Швајцарската народна банка од 2024 година, првпат дигиталното плаќање го надминало плаќањето со готовина во секојдневните трансакции, како плаќањето во продавници, на шалтери и банкомати.

pari
Фото: Freepik

Според анкетата спроведена есента меѓу 2.000 жители, дебитните картички се најчесто користеното средство за плаќање, додека мобилните апликации сочинуваат речиси една петтина од трансакциите.

Дали овој пад може да ја доведе употребата на готовина до нејзино целосно исчезнување? Тоа сценарио не е невозможно со оглед на тоа што во некои северноевропски земји, особено Шведска, веќе е тешко да се плати со готовина.

Во својот извештај „Ќе застари ли некогаш готовината?“, Швајцарската народна банка посочува дека иако изгледа како веќе да не ни се потребни монети и банкноти, реалноста е многу покомплексна.

Во Шведска, брзото исчезнување на готовината ги натера властите на конкретни мерки: од 1 јануари 2020 година законот налага дека мора да постои можност за подигнување готовина во радиус од 25 километри од местото на живеење. Законот беше прифатен речиси едногласно, со цел да се заштитат ранливите групи, оние што немаат пристап до банка или мобилен телефон.

Во Швајцарија ваква одлука може да дојде директно од граѓаните. Движењето „Швајцарска слобода“ (Mouvement Liberté Suisse – MLS) поднесе народна иницијатива со наслов „Да за слободна и независна швајцарска валута во форма на монети и банкноти“.

Иницијативата бара уставна гаранција дека готовината ќе остане достапна во Швајцарија и дека секоја евентуална замена на франкот со друга валута мора да биде одобрена од народот и кантоните.

Нема ограничување за готовински трансакции


Но, можеби оваа иницијатива е непотребна. Најновото истражување на Швајцарската народна банка покажува дека дури 95 отсто од испитаниците сакаат готовината да остане достапна како средство за плаќање.

Приврзаноста на Швајцарците кон готовината се гледа и во законската рамка која е мошне флексибилна за разлика од многу европски земји каде што постојат строги ограничувања.

На пример, во Франција и во Италија горната граница за готовински трансакции е 1.000 евра, а во Грција само 500. Европскиот парламент дури и донесе одлука од 2027 година да се воведе лимит од 10.000 евра за борба против перење пари и финансирање тероризам.

Во Швајцарија, пак, не постои такво ограничување. Единствено, за готовински плаќања над 100.000 швајцарски франци потребна е идентификација.

Исто така, при преминување граница, единствената и тоа минимална обврска е да се пријави сумата над 10.000 франци, но само ако царинските служби го побараат тоа од вас.

Извор: Swissinfo.ch
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот