X
 06.06.2025 Наука

Алатка со вештачка интелигенција користи фотографии од лица за да ја процени биолошката возраст и да предвиди исходи од рак

Очите може да бидат огледало на душата, но биолошката возраст на една личност може да се одрази во карактеристиките на нејзиното лице. Истражувачите од „Мас Џенерал Бригам“, развиле алгоритам за длабоко учење наречен „ФејсЕјџ“ кој користи фотографија од лицето на една личност, за да ја предвиди биолошката возраст и исходите за преживување кај пациенти со рак.

Тие откриле дека пациентите со рак, во просек, имале повисока вредност на „ФејсЕјџ“ од оние без рак и изгледале околу пет години постари од нивната хронолошка возраст.

Постарите предвидувања за „ФејсЕјџ“ биле поврзани со полоши исходи за целокупно преживување кај повеќе видови рак. Тие исто така откриле дека „ФејсЕјџ“ ги надминал здравствените работници, во предвидувањето на краткорочните очекувања за живот на пациентите кои примаат палијативна радиотерапија.

-Можеме да користиме вештачка интелигенција (ВИ) за да ја процениме биолошката возраст на една личност од слики од лицето, а нашата студија покажува дека информациите можат да бидат клинички значајни. Оваа работа покажува дека фотографија како едноставно селфи, содржи важни информации што би можеле да помогнат во информирањето на клиничкото донесување одлуки и плановите за нега на пациентите и лекарите. За колку години изгледа некој, во споредба со неговата хронолошка возраст е навистина важно - лицата анализирани со „ФејсЕјџ“ кои се помлади од нивната хронолошка возраст, се чувствуваат значително подобро по терапијата за рак - истакнал ко-вишиот и дописен автор Хуго Аертс, доктор на науки, директор на програмата за вештачка интелигенција во медицината во „Мас Џенерал Бригам“.


Кога пациентите влегуваат во просториите за преглед, нивниот изглед може да им даде на лекарите индиции за нивното целокупно здравје и виталност. Овие интуитивни проценки во комбинација со хронолошката возраст на пациентот, покрај многу други биолошки мерки, можат да помогнат во одредувањето на најдобриот тек на лекување. Сепак, како и секој друг, лекарите може да имаат пристрасности во врска со возраста на лицето што може да влијаат врз нив, поттикнувајќи ја потребата за пообјективни, предвидливи мерки за информирање на одлуките за нега.

Имајќи ја таа цел предвид, истражувачите ги искористиле технологиите за длабоко учење и препознавање на лица за да го обучат „ФејсЕјџ“. Алатката била обучена на 58.851 фотографии од претпоставени здрави лица, од јавни збирки на податоци. Тимот го тестирал алгоритмот на 6.196 пациенти со рак од два центри, користејќи фотографии рутински направени на почетокот на третманот со радиотерапија.


Резултатите покажале дека пациентите со рак изгледаат значително постари од оние без рак, а нивната вредност на „ФејсЕјџ“, во просек, била околу пет години повисока од нивната хронолошка возраст. Во групата на пациенти со рак, повисоката вредност била поврзан со полоши исходи на преживување, особено кај лица кои изгледале постари од 85 години, дури и по прилагодување на хронолошката возраст, полот и видот на рак.

Проценетото време на преживување на крајот од животот е тешко да се утврди, но има важни импликации за третманот во грижата за ракот. Тимот побарал од 10 здравствени работници и истражувачи, да го предвидат краткорочниот животен век од 100 фотографии од пациенти кои примаат палијативна радиотерапија.

Иако имало широк опсег во нивните перформанси, генерално, предвидувањата на здравствените работници биле само малку подобри од едноставно фрлање паричка, дури и откако им бил даден клинички контекст, како што се хронолошката возраст на пациентот и статусот на рак. Сепак, кога на здравствените работници им биле дадени и информациите за „ФејсЕјџ“ вредностите на пациентот, нивните предвидувања значително се подобриле.

Потребни се понатамошни истражувања пред оваа технологија да може да се разгледа за употреба во реална клиничка средина.

-Ова отвора врата за сосема ново подрачје на откривање на биомаркери од фотографии, а неговиот потенцијал оди многу подалеку од грижата за ракот или предвидувањето на возраста. Како што сè повеќе размислуваме за различни хронични болести како за болести на стареење, станува уште поважно да можеме точно да ја предвидиме траекторијата на стареење на поединецот. Се надевам дека на крајот ќе можеме да ја користиме оваа технологија како систем за рано откривање во различни апликации, во рамките на силна регулаторна и етичка рамка, за да помогнеме во спасувањето животи - рекол ко-авторот Реј Мак, доктор по медицина, од „Мас Џенерал Бригам“.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука