И луѓето со потемна кожа треба да ставаат крем за сончање - од повеќе причини.
Ултравиолетовото зрачење од сонцето може да доведе до изгореници од сонце, темни дамки и брчки, како и зголемен ризик од рак на кожата. Меланинот во потемната кожа нуди дополнителна заштита од сонцето, но дерматолозите велат дека тоа не е доволно.
- Секој има потреба од крем за сончање. Но, причините зошто некој посегнува по крем за сончање може да се разликуваат во зависност од тенот на кожата - вели д-р Џена Лестер, која ја основала Клиниката за кожа на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
Дали луѓето со потемна кожа имаат потреба од крем за сончање?
Белците имаат генерално поголема веројатност да добијат рак на кожата во споредба со црнците и Латиноамериканците. Но, црнците и Латиноамериканците имаат помала веројатност да го преживеат најопасниот вид рак на кожата наречен меланом, според Американското здружение за рак.
Црнците почесто добиваат меланом на рацете и на нозете - места кои се повеќе заштитени од сонцето. Сепак, кремот за сончање е дополнителен заштитен слој кој помага да се спречат мноштво други проблеми, вклучувајќи изгореници од сонце, хиперпигментација по акни, розацеа и темни дамки на лицето.
- Сите проблеми за кои доаѓаат кај мене се предизвикани или влошени од сонцето - вели д-р Ојетева Асемпа од Медицинскиот колеџ „Бејлор“.

Колку крем за сончање им е потребна на луѓето со различна боја на кожа?
За да останат безбедни на сонце, важно е да се набави крем за сончање со фактор за заштита од сонце или СПФ од најмалку 30 и да се нанесува на секои два часа. Луѓето што одат на базен или плажа треба да ставаат крем за сончање однапред и да не забораваат да нанесуваат обилно и откако ќе излезат од водата.
Повеќето луѓе не ставаат доволно крем за сончање, вели Лестер.
Тонираните кремови за сончање содржат пигменти кои ја блокираат видливата светлина од сонцето нудејќи дополнителна заштита од темни дамки. А носењето шапка или облека за заштита од сонце со фактор за ултравиолетова заштита може да обезбеди дополнителна безбедност.
Каква и да е рутината за заштита од сонце, важно е да се одржува, советува Лестер.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik