X
 07.03.2025 Здравје

Експерт објаснува зошто грипот оваа година е поинаков, а бројот на случаи расте

Во февруари бројот на заболени од грип достигна највисоко ниво во последните 15 години, надминувајќи ги инфекциите и хоспитализациите од ковид-19 првпат од почетокот на пандемијата. Центарот за контрола и превенција на болести ја класифицира оваа сезона на грип како „висока“ по сериозност низ целата територија на САД.

Епидемиологот Анет Риган објаснува зошто оваа сезона е различна од минатата и што можат луѓето да направат за да го намалат ширењето на вирусот.

Како се споредуваат случаите и хоспитализациите оваа година со претходните години?

Од крајот на јануари до февруари 2025 година бројот на хоспитализации поради грип е највисок од 2009 година наваму.

Повеќето случаи се предизвикани од подвидови на вирусот инфлуенца А – Х3Н2 и Х1Н1. Истражувањата покажуваат дека сезоните доминирани од Х3Н2 обично се потешки, но и инфекциите со Х1Н1 можат да бидат многу сериозни.

Оваа година сезоната на грип достигна врв „подоцна“ отколку во претходните три сезони, кои кулминираа во декември.



Зошто оваа година има толку многу случаи на грип?


Постојат неколку фактори што придонесуваат за тешка сезона на грип, меѓу кои ниските стапки на вакцинација, слабата природна имунолошка заштита, карактеристиките на вирусот, ефикасноста на вакцините и зголемениот контакт меѓу луѓето поради патувања, работа и училиште.

Стапките на вакцинација за грип значително опаднаа по ковид-пандемијата. Во сезоната 2023/2024 биле дадени 9,2 милиони помалку дози отколку што било вообичаено пред пандемијата.

Кај децата, вакцинацијата опадна од 59 отсто во 2019/2020 на 46 отсто во 2024/2025 година. Кај возрасните над 65 години, група со најголем ризик од компликации, вакцинацијата опадна од 52 на 43 отсто.

Ниските стапки на вакцинација значат дека поголем дел од населението е незаштитен. Истражувањата покажуваат дека вакцината го намалува ризикот од хоспитализација. Дури и ако вакцинирано лице се зарази, помали се шансите за тежок тек на болеста.

Но, ниската вакцинација не е единствената причина за зголемениот број случаи. Во некои години генетските мутации на вирусот го прават позаразен и посериозен.

Ефикасноста на вакцините варира и зависи од тоа колку добро се совпаѓаат со циркулирачките видови на вирусот. Минатата сезона вакцината беше 42 отсто ефикасна, додека оваа година таа е меѓу 41 и 55 отсто кај возрасните и 63 до 78 отсто кај децата.

Како да се разликува грипот од ковид-19 и настинка?


Многу луѓе го мешаат грипот со обична настинка, но грипот е предизвикан од вирусот инфлуенца и е потежок. Симптомите на грип, ковид-19 и други респираторни вируси често се поклопуваат: кашлица, замор, температура, болки во мускулите, затнат нос, воспалено грло и главоболка. Губењето вкус и мирис е почесто кај ковид-19.

Симптомите на грип и ковид-19 се појавуваат 1 до 4 дена по инфекцијата, но ковид-19 обично трае подолго. Единствениот сигурен начин за утврдување на болеста е тестирањето.

Како може да се заштитиме од грип?

Сезоната на грип сè уште трае, па не е доцна за вакцинација. Дури и во години кога ефикасноста на вакцината е пониска, таа сè уште нуди подобра заштита отколку да се остане невакциниран.

Редовното миење на рацете и дезинфицирање на површините може да го намали ризикот од зараза. Избегнување контакт со болни лица, како и носење маска во здравствени установи.

Здравиот начин на живот, балансирана исхрана, доволно сон и физичка активност го зајакнуваат имунолошкиот систем.

Оние што имаат симптоми на грип треба да избегнуваат контакти, особено во затворен простор. Покривањето на устата при кашлање и кивање помага да се намали ширењето на вирусот.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје