Нов Зеланд се соочува со над 1.000 потврдени случаи на морбили. 1.051 лице биле заразени помеѓу 1 јануари и 5 септември 2019 година, соопшти министерството за здравство.
Малите сипаници се заразна и потенцијално фатална болест која предизвикува кашлање, исип и треска. Иако е достапна ефективна и безбедна вакцинација, некои развиени земји во изминатите години забележаа повторна појава на сипаниците.
Во светски рамки, бројот на заболени е четирипати поголем во првите месеци од 2019 година во споредба со истиот период минатата година, покажуваат информациите од Светската здравствена организација.
Фото: Getty Images
Што се случува во Нов Зеланд?
Појавата на мали сипаници во Нов Зеланд во најголем дел е сконцентрирана околу најголемиот град Окленд, со 877 потврдени случаи.
Министерството за здравство издаде соопштение во кое ги повикува сите на возраст од 12 месеци до 50 години да се вакцинираат доколку не биле вакцинирани.
Директорот на Советодавниот центар за имунизација, д-р Ники Тарнер, изјави дека ова е тажна пресвртница за Нов Зеланд.
- Ова беше целосно предвидливо и можеше да се спречи, па затоа е многу разочарувачки за нас - вели тој.
Властите апелираат до секој што се чувствува болен, да не оди на работа, на училиште и да не се појавува на јавни места. Исто така, министерството издаде патнички совети за вакцинирање најмалку две недели пред посета на Окленд.
Глобалните бројки во пораст
Малите сипаници се вирусна болест што се шири со кашлање и кивање и е една од најзаразните болести во светот. Иако повеќето луѓе што ќе се заразат закрепнуваат, тоа може да доведе до компликации опасни за живот.
Пред воведувањето на вакцината во 1963 година и широко распространетата вакцинација, се појавувале големи епидемии приближно на секои 2-3 години, предизвикувајќи околу 2,6 милиона смртни случаи годишно.
Бројот на заразени луѓе со мали сипаници постојано опаѓал низ целиот свет до 2016 година, но потоа болеста повторно се појави. Претходно годинава СЗО изјави дека четири европски земји, вклучително и Велика Британија, повеќе не може да се сметаат за земји без епидемија.
Порастот во развиените нации делумно се должи на тоа што некои родители ги избегнуваат вакцините од филозофски и религиозни причини или загриженост дека вакцините се поврзани со аутизам.