Били, мало куче од расата бигл, трча околу платформа мирисајќи низа дупки. Секоја дупка содржи употребена маска од хируршки тип со различна мешавина од мириси на различни луѓе. Но, нејзиниот остар нос бара само една таква комбинација: онаа што сигнализира рак.
Ракот може да ја промени „испарливоста“ на една личност, уникатниот сет на испарливи органски соединенија што се наоѓаат во здивот, потта, крвта и урината. Истражувачите проучуваат како кучињата можат да детектираат болести како што се ковид-19 и маларија, како и психолошки состојби, вклучително и посттрауматско стресно нарушување.
Научниците ги откриле моќните вештини за намирисување на болести кај кучињата во 1989 година, кога куче открило рак кај својот дресер. Но, сè уште не се користат кучиња за поставување дијагноза. Покрај очигледните логистички предизвици, кучињата се разликуваат многу во нивната олфакторна точност. Истражувачите сè повеќе откриваат дека способноста за намирисување болести може да се сведе на личноста на поединечните кучиња и колку добро нивните дресери ги познаваат. Новите истражувачки напори се фокусирани на откривање кои кучиња би биле најдобри за таа намена.
Шарин Бистре Даба, ветеринарен научник кој сега работи на Универзитетот во Бристол, Англија, заедно со колегите од британската добротворна организација „Медицински кучиња за детекција“, започна процес за да научи како личностите на животните, особено нивното ниво на оптимизам или песимизам, влијаат врз вештините за откривање на болести.
Истражувачите прво им покажале на кучињата што лежи зад два екрани на еден крај од соба: „позитивна“ локација со вкусна закуска и „негативна“ со празна чинија. При последователните посети на собата, кучињата обично скокале среќно кон првата, но трчале многу бавно кога оделе да ја проверат втората локација или едноставно воопшто не оделе таму. Потоа научниците поставиле чинии зад два нови екрани помеѓу позитивните и негативните точки и ги класифицирале кучињата како „оптимисти“ или „песимисти“, врз основа на тоа колку брзо ги истражувале овие нови локации.
Потоа тимот проценил колку точно секое куче може да одвои мирис на болест, што било тренирано да ја детектира меѓу другите мириси. Во просек, песимистичките кучиња се покажале како попребирливи.
-Песимистичките кучиња се повнимателни, а повнимателно куче можеби е подобро да не прави грешки - вели Даба.
Други особини на личноста исто така играат улога, вели Клара Вилсон, која ги истражува кучињата што намирисуваат болести и стрес на Универзитетот во Пенсилванија. Кучињата што уживаат во возбудата од ловот и напредуваат додека бараат исчезнати луѓе или скриени бомби може да го сметаат мирисањето примероци од болести одново и одново посакувано.

-Сакаме куче кое не се фрустрира. Тие треба да го сметаат тоа за наградувачко, иако може да биде помалку возбудливо како активност - објаснува Вилсон.
Андреас Мершин, главен научен директор во стартапот „РиалНоус.аи“ со седиште во Бостон, развива електронски носеви за мирисање примероци од урина за утврдување рак на простата и други болести. Ако машинското препознавање на крајот ги надмине способностите на кучињата, тоа би можело да помогне во решавањето на проблемот со скалабилност и да им даде одмор на животните. Тимот на Мершин поставил рецептори за мирис на цицачи на електронски чип и користел алгоритми за машинско учење за да го толкува резултатот.
Кучињата не одбележуваат список на молекули во своите глави, тие само „знаат“ како мириса ракот. Ова им помага точно да го почувствуваат без разлика од кој орган е во прашање или што јадел пациентот пред да го даде примерокот од здивот.
Наодите на Мершин и тимот сугерираат дека фокусирањето на овој тип на „карактер на мирис“, може да функционира како скалабилна алтернатива на кучињата, дури и ако во моментов е многу побавна опција.
-Кучињата, поради нивното неверојатно чувство за мирис и способности за детекција, ни покажуваат како би можела да изгледа технологијата за 10 до 15 години од сега – смета Мершин.
Извор: scientificamerican.com
Фото: Freepik