X
 06.12.2018 Култура

Емотивно одбележани 70 години од основањето на Националната галерија на Македонија

Даут-пашиниот амам во Старата скопска чаршија синоќа изгледаше како пред 70 години, само исполнет со други луѓе. Наместо Борко Лазески и Никола Мартиноски, доајените на македонската современа уметност и првите раководители на тукушто основаната институција - Уметничката галерија „Скопје“, овој пат гостите топло ги поздрави Дита Старова-Ќерими, ликовна уметница и актуелна директорка на денешната Национална галерија на Македонија.

Фото: МИА

Пред многуте гости, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Бујар Османи, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити, високи дипломати, ликовни уметници и љубители на уметноста, таа се наврати на изминатите седум децении и достигнувањата на оваа значајна институција. Академик Фити, небаре сиот живот работел тука, раскажа моменти кои станаа култни во ликовниот живот во Македонија и во историјата на нашата уметност. Тој нагласи како сите во МАНУ ја доживуваат галеријата како свој дел, бидејќи основањето на двете институции е тесно поврзано.

Фото: МИА

Во меѓувреме, во заднина беа проектирани документарен филм за историјатот на галеријата и 3Д-снимка на Даут-пашиниот амам, споменик на културата од 15 век. Емотивен беше моментот кога Старова-Ќерими ги повика сите вработени во галеријата да ѝ се придружат на бината. Така им оддаде почит на сите што низ изминатите седум децении биле дел од оваа институција. Претходно признанија им беа врачени на премиерот Заев, на академик Фити и на холандскиот амбасадор во земјава, Вилем Ваутер Пломп. Благодарници им беа доделени и на новинари, кои низ годините ѝ давале поддршка на институцијата.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура