Патниците кои сакаат чиста средина можеби треба добро да размислат пред да купат билет за Будимпешта. Според анализата на глобалната компанија за складирање багаж „Радикал сториџ“, унгарскиот главен град е прогласен за највалканиот град во светот.
Будимпешта се најде на врвот на оваа неславна листа затоа што дури 37,9 отсто од рецензиите поврзани со чистотата го споменуваат зборот валкан, ѓубре или лошо одржување. Експертите предупредуваат дека градот е под притисок поради наглиот раст на бројот на туристи. Само во септември бил забележан пораст од 12 отсто во однос на минатата година, што очигледно ги надминува капацитетите на градските служби.
На листата доминира Италија, која меѓу првите десет има дури четири градови: Рим, Фиренца, Милано и Верона. Рим е втор највалкан, а состојбата со отпадот е толку лоша што на улиците од време на време се појавуваат диви свињи.
Веднаш зад Рим се наоѓа Лас Вегас, град кој поради непрекинатиот ноќен живот и милионите посетители едноставно не успева да остане чист.
Интересно е што Њујорк, кој често се споменува како дом на најголемите глодари во светот, се најде дури на 12. место.
Како истражувачите дошле до резултатите?
Истражувачите анализирале 100 градови од „Еуромонитор-индексот на најдобри дестинации“ и разгледале 70 илјади рецензии на англиски јазик на „Гугл“ за десетте најпосетени атракции во секој град. Особено се фокусирале на поимите „чисто“ и „валкано“ за да добијат увид во вистинското искуство на туристите.
Највалкани градови во светот според „Радикал сториџ“
1. Будимпешта, Унгарија (37,9 отсто)
2. Рим, Италија (35,7 отсто)
3. Лас Вегас, САД (35,6 отсто)
4. Фиренца, Италија (29,6 отсто)
5. Париз, Франција (28,2 отсто)
6. Милано, Италија (26,8 отсто)
7. Верона, Италија (26,2 отсто)
8. Франкфурт, Германија (24,6 отсто)
9. Брисел, Белгија (24,4 отсто)
10. Каиро, Египет (23,6 отсто)
Среќа е што има и такви што оставаат сосема спротивен впечаток. Според анализата, ова се топ 10 најчисти градови во светот
1. Краков, Полска (98,5 отсто)
2. Шарџа, Обединети Арапски Емирати (98 отсто)
3. Сингапур (97,9 отсто)
4. Варшава, Полска (97,8 отсто)
5. Доха, Катар (97,4 отсто)
6. Ријад, Саудиска Арабија (96,9 отсто)
7. Прага, Чешка (96,4 отсто)
8. Мускат, Оман (96,4 отсто)
9. Дубаи, ОАЕ (96,3 отсто)
10. Фукуока, Јапонија (96,3 отсто)
Извор:
Citymagazine.danas.rs
Фото: Freepik