X
 07.05.2022 Наука

По 25 години, во Австралија пронајдена желка што дише низ задникот

Научниците открија дека во северниот дел на Квинсленд постои желка што може да дише низ задникот кога е потребно. Оваа желка последен пат била видена во регионот пред повеќе од 25 години.

Експертите од Универзитетот „Џејмс Кук“ анализирале ДНК од примерок од реката Бурдекин и откриле дека таканаречената Ирвинова желка живее на повеќе места. Овој водоземец го добил името по познатиот зоолог Стив Ирвин и неговиот татко Боб.

За потсетување, Стив Ирвин е австралиски зоолог кој почина во 2004 година откако беше нападат од морска раја. Беше познат по документарецот „Ловец на крокодили“.

- Добро е да се знае дека овој вид желка сè уште живее таму - изјави директорот на Истражувачкиот центар за тропска вода и воден екосистем, професор Демиен Бароус.

Желката била откриена во сливот Бурдекин од Боб и Стив Ирвин во раните 90-ти години. Било откриено дека таа го користи задникот за да дише под вода.

Бароус рече дека повторното откритие на желката е значајно бидејќи динамиката на реката се променила откако била изградена браната Бурдекин Фолс.

- До ова најново откритие немавме никакви официјални записи кои би докажале дека Ирвиновата желка уште живее во долниот дел на реката Бурдекин - рече Бароус.

Истражувачите ги истражувале реките Бурдекин, Бовен и Брокен во три периоди од 2020 и 2021 година, покривајќи 37 локации низ трите слива.

- Претходно беше многу тешко да се пронајде Ирвиновата желка затоа што таа живее само на места каде што има крокодили или во планински притоки до кои е многу тешко да се дојде. Исто така, не е лесно да се фати, а водата во која живее не е бистра, па не може ни да ја снимиме со подводна камера. Но, тоа се промени затоа што само требаше да земеме примерок од водата и да ја најдеме нивната ДНК - вели Бароус.

Процесот на издвојување на еДНК (околинската ДНК) овозможува собирање генски материјал на некој организам од површината, седиментот или водата.

Иако еДНК не може да ја открие староста на желките, сепак, се работи за извонредно откритие.

- Не знаеме ништо за демографијата на оваа популација, но фактот дека ја најдовме нивната еДНК, и покрај тоа што браната е изградена во 1980 година, укажува на тоа дека возрасни Ирвинови желки може да преживеат во овие матни води - вели биологот Сесилија Вилакорта-Рат.

- Ова откритие ја оспорува претходната хипотеза дека видот не може да преживее во овие услови - вели Вилакорта-Рат.

Извор: The Guardian
Фото: James Cook University
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука