X
 07.06.2022 Наша тема

Училиштата ќе им помагаат на учениците при онлајн уписите во средно, апелираат документите да се скенираат навреме

Како и секој новитет, онлајн пријавувањето поттикна многу прашања, дилеми кај учениците и нивните родители. Родителите се скептици дека сѐ ќе се одвива во најдобар ред

Пријавувањето и запишувањето на учениците во средните училишта ќе се врши во еден уписен рок со три пријавувања во месец јуни. Пријавувањето првпат ќе се врши преку електронско аплицирање, преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука https://e-uslugi.mon.gov.mk со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на Schools.mk.

Како и секој новитет, онлајн пријавувањето поттикна многу прашања, дилеми кај учениците и нивните родители. Родителите се скептици дека сѐ ќе се одвива во најдобар ред, сметаат дека системските грешки се неизбежни. Што ќе се случи доколку ја нема пријавата иако се пријавиле онлајн, како ќе докажат? Што е со оние што немаат интернет или едноставно нема да успеат да се пријават онлајн? Ќе може ли сепак физички да се однесат документи... и низа други прашања и нејасности.

Важно е само изводот да е оригинал

Директорката на гимназијата СОУ „Јосип Броз Тито“ во Битола, Фанија Наумовска, вели дека очекува сѐ да помине во најдобар ред и секако вработените им стојат на располагање да им помогнат на сите оние што нема да можат да успеат сами да се пријават од дома.



- Процесот на пријавување е лесен и едноставен. Доколку учениците ги чуваат лозинките од
сопствените кориснички сметки на Schools.mk, лесно ќе се пријават, на другите им стоиме на располагање. Отворени ќе бидеме да им помогнеме да ги пополнат апликациите, заеднички да ја пополниме изјавата. Тоа што не добиваат повратна информација дека се пријавиле, можеби ќе појави некој проблем, но тоа е сегмент кој е под Министерството за образование и наука, начинот на пријавување е во нивна надлежност и не можеме да дадеме некаков одговор околу тоа. Но, секако, ќе може да се пушти приговор и заеднички да разгледаме што може да се направи. Очекуваме сѐ да се одвива во најдобар ред - вели Наумовска.

Гимназијата „Орце Николов“ од Скопје е подготвена за новите средношколци и онлајн пријавувањето.

- Оваа година првпат се воведува онлајн пријавување во систем кој е подготвен за оваа пригода. Во училиштата, комисиите посетија дводневна обука за работа на системот. Веруваме дека системот ќе работи без проблем и дека учениците ќе се пријават со леснотија. Онлајн пријавувањето зависи од ученикот бидејќи тој се најавува и самиот ги внесува оценките и потребните скенирани документи и ги испраќа на системот. Системот ќе биде отворен неколку дена пред уписот за да можат учениците да разгледаат како се пополнува. Потребни им се корисничкото име и адреса од основно образование - ни изјави Митко Димовски од гимназијата „Орце Николов“, Скопје

Верувам дека сите ученици со помош од нивните родители успешно ќе се пријават на системот, дополнува тој.

- Втора проверка на документите ќе се одвива во училиштата, откако учениците ќе ги достават документите во хартиена форма во училиштето. Ќе бидат објавени точни датуми и временски периоди за поднесување на документите. Конкурсите за упис се одамна објавени и во нив се наведени сите потребни документи. Бидејќи свидетелствата и дипломите треба да се прикачат како скенирани документи на системот, потребно е родителите да го направат тоа благовремено за да не настанат проблеми околу неотвoрање на документ и сл. По првиот уписен рок ќе следува и втор и трет уписен рок, и верувам дека сите деветтоодделенци ќе се запишат во училиштата во кои посакуваат - појаснува Димовски.

На прашањето како ќе може да се докаже дека одреден ученик е пријавен, доколку онлајн апликацијата по некоја системска грешка не стигне во системот, тој вели:

- Во комуникација сме со одговорните за техничка поддршка и верувам дека какви било проблеми ќе бидат навремено решавани.

Она што ги загрижува родителите е и како да извадат извод од матичната книга на родени во ек на штрајкот на матичните служби. Но директорката Наумовска потенцираше дека е важно само изводот да е оригинал, а не е важно кога е изваден.
По неколку часа вртење на телефоните на Матичните служби не добивме никаков одговор на прашањето дали ќе им излезат во пресрет на оние ученици што дома немаат никаков извод.

МОН детално го објасни процесот на аплицирање:

Со цел оптимизирање на целокупниот процес на уписи во средните училишта во Македонија, Министерството за образование и наука првпат оваа година воведува нова дигитална услуга која ќе ви овозможи електронско аплицирање и нема да ви одземе повеќе од 5-10 минути.

Пријавувањето на учениците ќе се врши преку линк до порталот за електронски услуги на Министерството за образование и наука со специјална најава за средношколци преку сопствените кориснички сметки на schools.mk.

Регистрација на системот нема да биде потребна и најавата ќе се врши исклучиво со корисничките сметки на schools.mk.

Упатството за логирање/најава во системот и пополнување на пријавата ќе биде поставено со линк на страницата за логирање/ најава.

За првото пријавување на учениците во конкурсниот рок, порталот ќе биде отворен од 10.6.2022 година во 10.00 часот. Учениците ќе може да ги пополнуваат своите пријави (апликации) заклучно со 15.6.2022 година најдоцна до 15:00 часот, по што системот ќе биде затворен за онлајн аплицирање од ученици.

Во наведениот период додека системот за аплицирање е достапен за учениците, тие ќе можат да вршат ажурирање, измени и дополнувања на своите пријави и да имаат увид во вкупниот број поени од успехот, без поените од дипломите. Валидација на дипломите и внесување поени од дипломите вршат комисиите од средните училишта.

Доколку учениците до 15.6.2022 сè уште го немаат добиено своето свидетелство за IX одделение, ги внесуваат своите оценки евидентирани во е-дневникот. Во полето за свидетелство за IX одделение (во полето за прикачување) прикачуваат документ/слика (слика од е-дневник) и на тој начин ја завршуваат апликацијата. Свидетелството од IX одделение, задолжително ќе го приложат до училиштето при доставувањето на целокупната потребна документација на 16 и 17 јуни.

Прелиминарната ранг-листа на запишани ученици се објавува на 16 јуни 2022 година на интернет-страницата на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk, односно на https://e-uslugi.mon.gov.mk најдоцна до 9:00 часот.

Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 16 јуни од 12:00 часот до 19:00 часот и на 17 јуни од 07:00 часот до 19:00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.



Второто пријавување на учениците ќе се врши на 21 јуни до 24.00 часот и на 22 јуни 2022 година до 15:00 часот.

Третото пријавување на учениците ќе се врши на 28 јуни до 24.00 часот.

Целиот конкурс може да го разгледате тука.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема