X
 07.07.2019 Живот

Нема море, нема луди забави. Зошто се јавува летната депресија?

Со летото обично се поврзуваат безгрижни денови, сонце, патувања, плажа, коктели, дружење со најмилите и неизмерна забава. Но, не секогаш е така. Кај некои луѓе се јавува и депресивно расположение или летна депресија.

Додека рекламните кампањи и социјалните мрежи со летото го поврзуваат само чувството на безгрижност и релаксација, а познајниците и пријателите постојано нѐ прашуваат какви ни се плановите за летото и постојано споделуваат фотографии од нивните незаборавни денови, така стануваме сѐ поисфрустрирани и депресивни ако тоа ни оваа година не биде нашата реалност.

Се прашуваме како е можно на сите околу нас да им е толку добро, а нам да не ни е, зошто се чувствуваме така и дали можеме да си помогнеме.

Која е причината?

Според Катарина Леватиќ, психолог и психотерапевт, летната депресија не е реална клиничка дијагноза, туку тој поим се поврзува со зголеменото ниво на стрес, чие потекло се поврзува со доаѓањето на летото и сѐ што тоа носи, од незадоволство од изгледот до финансиски грижи и чувство дека нешто пропуштаме.

- Има неколку фактори што придонесуваат за таквите чувства. Пред сѐ, тука е промената на распоредот. На родителите што имаат ученици овие денови распоредот целосно им се промени и тие се обидуваат да најдат начин да ги згрижат и забавуваат децата. Со растот на температурите доаѓаат и жештините поради кои често сме нервозни и губиме волја за активностите кои инаку нѐ развеселуваат и единствено имаме потреба да се разладиме. Потребна ни е полесна облека, а таа открива многу, па некогаш придонесува и за изолација. Луѓето често избегнуваат дружење, одење на базен или на плажа за да не мора да се соблекуваат пред другите ако не се задоволни од изгледот на своето тело - вели таа.

Додава и дека голема улога во зголеменото ниво на стрес што го чувствуваме во текот на летото играат и финансиите.

- Често луѓето го изедначуваат летото со одење на море, а факт е дека за многумина тој чекор претставува сериозен финансиски товар. Од една страна, можеме да се чувствуваме депресивно бидејќи не можеме на својата фамилија да ѝ овозможиме одење на море, а од друга страна, ако отидеме, често си префрламе дека не требало да потрошиме толку пари во текот на таа недела. Кон крајот на летото доаѓаат и трошоците за опремување на децата за на училиште, а тие може да бидат прилично големи - вели Катарина.
depresija

Фото: Freepik

Како да се извлечеме од депресивното расположение?

Со работа на себе и со благовремено планирање ваквото летно депресивно расположение може да се избегне или барем да се ублажи. Притоа најважно е да се избегне споредувањето со другите.

- Немојте да се заморувате со општествените стереотипи. Направете сѐ што можете за самите да се чувствувате добро, а не за да се покажете пред другите. Правете го тоа во текот на целата година, не само налето - вели психологот.

Немојте да мислите зошто кај другите сѐ изгледа поедноставно бидејќи не знаете како навистина се чувствуваат и со што се борат во нивните четири ѕида. Ако некој на социјалните мрежи објави фотографија како од соништата, тоа не значи дека сѐ во животот му е совршено.

- Можете да создадете најубави летни спомени, без оглед на тоа каде се наоѓате. Прскањето со вода во дворот, читањето под сенката на дрвото, активности со децата, одење на локалниот базен, гледање филм на отворено, одење на некој од бесплатните летни концерти и многу други занимливости можат да ви обезбедат лето за паметење - заклучува Катарина.

Исто така, многу е важно да се засакате себеси и своето тело.

Прифатете се такви какви што сте. Што ако вашето тело не изгледа како телата на манекенките од рекламите? Различноста е зачин на животот, а секој човек е убав и вреден. Вашите пријатели не се дружат со вас поради тоа како изгледате, туку затоа што сакаат да бидат во ваше друштво. Немојте да ги лишувате од тоа задоволство, советува Катарина.

И запомнете - социјалните мрежи не го дефинираат реалниот живот, ниту пак поради неможноста да одите на море или до некои тропски дестинации вие сте помалку вредни.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот