X
 23.10.2020 Здравје

Како влијае стресот врз телото и умот?

Сите сме имале одредени ефекти на стресот во еден или во друг облик. Стресот може да влијае врз варењето на храната, имунолошкиот систем или расположението. Наједноставно кажано, стресот е одговорот на вашето тело на промените во вашата околина кои ги гледате како „небезбедни“.

Пандемијата е „совршена“ околина за појавување и зголемување на стресот. Едно американско истражување покажало дека 70% од жителите сметале дека се под стрес поради пандемијата. Но пандемијата ни покажува и дека иако не може да го контролираме светот околу нас, може да ја контролираме нашата реакција на него.


Фото: Pixabay

Добрите вести се дека секој може ефективно да управува со стресот. Но, што доколку не може да препознаете дека сте под стрес? Стресот може да влијае врз умот и телото на повеќе начини, а ова се некои помалку познати ефекти на стресот.

Ослабен имунолошки систем

Доколку немате силен имунолошки систем, вашето тело нема да може да се бори против болести или вируси, а Ковид-19 нè научи колку е важно да се грижиме за имунолошкиот систем. Доколку сакате силен имунолошки систем, спијте добро и доволно, редовно вежбајте, јадете здрава храна, користете додатоци во исхраната за зголемување на имунитетот и редовно правете нешто за релаксација.

Проблеми со стомакот

Постои силна врска помеѓу здравјето на дигестивниот систем и стресот. Стомакот и мозокот постојано комуницираат. Дали некогаш сте почувствувале непријатно чувство во стомакот кога ќе слушнете лоши вести. Дали имате пеперутки во стомакот кога имате трема? Овие реакции се случуваат со причина.

Болките во стомакот може да бидат резултат на анксиозност, стрес и депресија. Доколку ова е случај, одбегнувате храна што дополнително ќе го иритира стомакот, како преработени шеќери и пржена храна.


Фото: Pixabay

Депресија

Стресот е нормален одговор на позитивните и негативни животни искуства. Долгорочниот стрес може да се претвори во депресија. Хроничниот стрес го намалува лачењето на хормоните за среќа. За жал, лошото расположение прави да ви биде потешко да започнете со вежбање или да формирате здрави навики, а со тоа состојбата само се влошува. Затоа луѓето под стрес може да чувствуваат депресија, умор, анксиозност, намален апетит или во потешки случаи, самоубиствени мисли.

Еден од најдобрите начини да излезете од оваа ситуација е да побарате професионална помош. Може да помогнат и практики за релаксација и благосостојба, како медитација, јога, танцување, вежбање или вежби за дишење.

Имате два избора - да му дозволите на стресот да ви го обземе животот или да ги трансформирате раните во мудрост и одново да почнете да ја пишувате вашата приказна.

Автор: Ешли Елизабет
Извор: lifehack.org
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје