X
 22.06.2018 Живот

Еве што значи 5-дневен одмор од „Фејсбук“ за вашиот мозок

Ова лето, ако имате среќа, веројатно ќе одите некаде каде што ќе се одморате од вашите вообичаени рутини и ќе се релаксирате. Ако ѝ веруваме на науката, можеби треба да размислите да одморите и од „Фејсбук“. Вашиот мозок ќе ви биде благодарен.

Помалку социјални мрежи, помалку стрес


Во последно време „Фејсбук“ многу често е главна вест поради скандалите околу приватните податоци на корисниците, но под тие наслови има и помирна струја на лоши вести за компанијата. Серија студии покажуваат како страницата има негативно влијание врз нашето расположение и ниво на стрес и колку голема вредност може да има и најмалата пауза од социјалните мрежи.

Најновата студија беше предводена од австралискиот истражувач Ерик Ванман на Универзитетот во Квинсленд. За да ја направи студијата, тимот на Ванман собрал 128 активни корисници на „Фејсбук“ и ги донел во лабораторијата за тестови за нивните животни задоволства, ниво на стрес и расположение.

Истражувачите исто така им го мереле и нивото на кортизол (хормон кој генерално е поврзан со стресот). Колку е повисоко нивото, толку е поверојатно дека сте вознемирени. Тогаш научниците им рекле на половина од учесниците дека треба една недела да одмораат од „Фејсбук“.

Учесниците на кои им бил забранет „Фејсбук“ мислеле дека нивниот социјален живот ќе биде целосно прекинат ако не можат да користат „Фејсбук“. Кога се вратиле пет дена подоцна, волонтерите им кажале на научниците дека чувствувале како да опаднал квалитетот на нивниот живот. Но знаете ли што друго опаднало? Нивното ниво на кортизол.

Но, иако опаѓањето на овој физиолошки маркер на стрес е интересно, тоа не е конечно. Можеби оние што биле лишени од „Фејсбук“ едноставно биле принудени да шетаат повеќе за да им помине времето и тоа довело до намалување на кортизолот. Но, за среќа, не треба да го оформувате вашето мислење за тоа што кратка пауза од „Фејсбук“ ќе направи за вашиот мозок само врз основа на оваа студија.

Во 2015 година истражувачите од Институтот за истражување на среќата во Копенхаген побарале од илјада Данци да се откажат од „Фејсбук“ на една недела. Кај оние што биле принудени да направат пауза од социјалната мрежа било забележано 55-отстотно намалување на стресот и мало интензивирање на комуникацијата лице в лице.

Фото: Curiosity

Пробајте барем на една недела

Тешко дека ова е наплив од неоспорни наоди, но се разумни докази дека „Фејсбук“ најверојатно има негативно влијание врз вашето ниво на стрес.

Добрата вест е што не морате целосно да се откажете од „Фејсбук“ или радикално да го смените социјалниот живот за да се борите против негативните психолошки последици од социјалните медиуми. Како што новата австралиска студија посочува, дури и 5-дневен одмор веројатно ќе ги одмори вашето тело и мозок од стрес.

Но, професорот по компјутерски науки Кал Њупорт сугерира да се откажете од „Фејсбук“ на еден месец за да видите кои делови од навиките на социјалните мрежи навистина ви недостигаат, а кои биле само бесмислено прелистување.

Обидете се. Науката вели дека експериментот ќе го убие стресот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот