X
 07.08.2019 Живот

Кој сака да проси, мора да плати за дозвола

За да можат да излезат на улица и да молат за пари, граѓаните на шведскиот град Ескилстунa претходно ќе мора да извадат дозвола за просење, која ќе чини помалку од 23 евра и ќе трае три месеци.

Контроверзната одлука на градот ќе значи дека секој просјак ќе мора онлајн или лично во полициска станица да потполни формулар, по што ќе добие валидна дозвола.

Доколку полицијата фати некого да проси без дозвола, ќе може да му напише казна во висина од 370 евра.

Џими Џенсон, социјалдемократски градски советник, истакна дека целта на планот, кој стапи во сила од први месецов, е да се бирократизира просењето, како и да им се отежне на луѓето да молат за пари на улица. Џeнсон додавa дека системот за дозволи би требало да помогне во поврзувањето на ранливите луѓе и бездомниците со локалните власти и социјалните служби.

Од друга страна, критичарите истакнуваат дека со тоа се легитимизира просењето и дека ги прави уште поранливи оние што се доведени до тоа да мора да просат.

Џенсон не се согласува со тоа и е убеден дека планот на градските власти е добар.

- Не го правиме ова за да ги вознемириме ранливите луѓе, туку затоа што сакаме да се позанимаваме со прашањето дали мислиме дека просењето треба да се нормализира во шведскиот модел на социјална држава - истакнува Џенсон.

Неколку шведски градови го забранија просењето во текот на изминатите месеци откако Врховниот административен суд одлучи да ја продолжи забраната во градот Велинге.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот