X
 07.08.2025 Живот

Менаџерите се чувствуваат како да им се „дадилки“ на вработените од генерацијата З

Менаџерите во САД се чувствуваат како да „чуваат деца“ кога работат со вработени од генерацијата З, поради тоа што тие немаат основни вештини неопходни за работното место, покажува нов извештај.

Анкетата спроведена од веб-страницата „Ресјумтемплејтс“ открива дека 68 отсто од менаџерите го споредуваат надгледувањето на вработените од генерацијата З со родителство, додека 54 отсто велат дека тоа повеќе наликува на грижа за деца.

- Исцрпувачки е. Поголемиот дел од времето се чувствувам како дадилка што се обидува да ги научи децата на лекции кои тие одбиваат да ги прифатат - изјавил еден менаџер во делот со отворени одговори од анкетата.

Според резултатите, околу 41 отсто од менаџерите редовно мора да ги потсетуваат вработените од генерација З да не ги користат нивните лични телефони, а 38 отсто често ги охрабруваат да воспоставуваат визуелен контакт за време на разговор.

- Најголеми проблеми се управувањето со времето и да се држат подалеку од телефонот - изјавил еден од испитаните менаџери.

Повеќе од четири од десет анкетирани менаџери изјавиле дека мораат да ги потсетуваат вработените од генерација З:

- да доаѓаат навреме на работа (48 отсто);
- да ги завршуваат обврските навреме (46 отсто);
- да одговараат навреме на пораки и е-пошта (47 отсто);
- да комуницираат на професионален начин (41 отсто).

Освен овие основни навики, менаџерите велат дека морале да ги научат и на некои фундаментални деловни вештини. Меѓу нив се:

- прифаќање повратна информација без да ја сфатат како лична навреда (59 отсто);
- соодветна комуникација со клиенти и колеги (46 отсто);
- ефикасно извршување повеќе задачи истовремено (45 отсто).

- Вработените што се дел од генерацијата З се како деца кои не биле правилно воспитани и затоа не знаат како да функционираат во општеството - рекол еден од испитаниците.

Зошто е ваква ситуацијата?

Ова не е првпат работодавците да изразат загриженост околу работната етика на оваа генерација. Претходни истражувања на „Ресјумтемплејтс“ покажале дека и купувачите се жалат на однесувањето на овие вработени.

Друг извештај, објавен од веб-страницата „Интелиџент“, укажува дека работодавците имаат проблем со тоа што генерацијата З често доцни на работа, не се облекува професионално и испорачува нискоквалитетна работа.

Џулија Тутајкер, главна кариерна советничка на „Ресјумтемплејтс“, смета дека овие проблеми се поврзани со начинот на кој младите од генерацијата З влегле во светот на работата, односно за време на пандемијата.

- Голем дел од нив следеа настава и стажираа онлајн, па пропуштија можности за учење во живо, неформални ситуации за стекнување знаење и набљудување на основните правила на однесување на работното место. Освен тоа, многу компании ги намалија инвестициите во обука и поддршка на новите вработени поради кратења во одделите за човечки ресурси - изјави Тутајкер.

Но, таа предупредува дека оставањето менаџерите сами да ги обучуваат новите кадри за основни вештини може да има негативно влијание врз целиот тим.

- Организациите мора да направат нешто повеќе за да ги поддржат менаџерите, инаку ризикуваат прегорување, фрустрација и губење на мотивацијата кај нив. Едно од решенијата е подобра тимска обука за товарот да се подели рамномерно. Дополнително, подготвителни курсеви на факултетите и практикантства можат да помогнат за вработените од оваа генерација подобро да се подготват - рече таа.

Извор: BIZLife
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот