X
 07.08.2025 Живот

„Образованието не значи интелигенција: Може да имаш докторат, но сепак да си будала“

Ричард Фајнман е еден од најзначајните научници во современата историја. Бил поканет да учествува во „Проектот Менхетен“, каде што помогнал во развојот на првата атомска бомба. По трагичната експлозија на вселенскиот шатл „Челинџер“, токму Фајнман ја открил причината за несреќата со цел да спречи идни катастрофи на НАСА.

Добитник е на Нобелова награда за физика за својата работа која суштински ја преобрази теоријата за квантна електродинамика.

Но, покрај неговиот неспорен гениј, Фајнман често се сомневал во себе и бил критичен кон луѓето со висока интелигенција.

Интелигенцијата како замка


Зошто? Бидејќи, според него и неговото искуство, луѓето со висока интелигенција се потпираат на сопствениот ум до степен кога носат лоши одлуки. Верувајќи премногу во сопствената бистрина, нешто важно се пропушта или се прави грешка, но таа се прикрива со гордост. Таквите луѓе можат да се плашат да поставуваат вистински прашања кои би можеле да ги одведат до следниот одговор.

Некои тврдат дека најголемото научно откритие на Фајнман не било во физиката, туку во човечкото незнаење и егото.

„Прво правило: немој да се лажеш себеси“


Во предавање од 1974 година Фајнман ја сумирал својата филозофија за учење и наука во една реченица:

 
- Првиот принцип е дека не смееш да се излажеш самиот себе, а токму себеси најлесно ќе се излажеш. Затоа мораш да бидеш особено внимателен со тоа. Откако нема да се излажеш себеси, лесно е да не ги излажеш другите научници. Потоа треба да бидеш искрен на вообичаен начин.

Со други зборови, Фајнман предупредувал дека интелигентните луѓе прават повеќе грешки токму поради тоа што се потпираат на својот разум и суд наместо да поставуваат дополнителни и поважни прашања кои би откриле нешто незабележано. Довербата во сопствената интелигенција станува пречка за увид во можноста дека грешат, дека се во заблуда или едноставно дека не се во право.

Некои од најинтелигентните луѓе се помалку отворени за учење бидејќи погрешно веруваат дека веќе научиле и знаат сè наместо да прашуваат и да набљудуваат. Најпаметниот човек во собата е оној што не мисли дека е најпаметниот.

Практикување на скромноста


Фајнман не само што ја проповедал оваа филозофија, туку и ја применувал. Јавно се нарекувал себеси „човек со ограничена интелигенција“. Иако неговиот IQ изнесувал 125, што е над просекот, тоа е далеку под прагот за членство во „Менса“, организацијата на луѓе со највисок коефициент на интелигенција, каде што спаѓале многу од неговите колеги.

Сè повеќе научници денес го доведуваат во прашање IQ како показател за интелигенција. Иако Фајнман ја ценел Нобеловата награда, за него вистинската награда биле резултатите од неговата работа и прашањата што ги поставувал бидејќи секое откритие води до нова мистерија која треба да се реши.

Вистинската интелигенција не е во тоа да се потпираш на она што мислиш дека го знаеш, да ги оправдуваш своите грешки или да дозволиш сигурноста да ти го замагли расудувањето. Интелигентен си ако сакаш да влезеш во непознатото и да пристапиш со отворен ум. Никогаш да не се плашиш да поставиш прашања и никогаш да не ги земаш одговорите како конечна вистина.

Размислувај надвор од титулите и дипломите


Кога станува збор за интелигенцијата, не грижи се за тестови, дипломи или за тоа дали си доволно „паметен“. Иако вреди да се слушне експертот, тоа не значи дека неговите зборови не треба да бидат доведени во прашање - можеби токму така ќе се открие некоја поголема вистина.

Спознавањето на сопствените граници може да те одведе многу подалеку отколку верувањето дека веќе си на врвот. Ако мислиш дека си на врвот, можеби нема да ги забележиш повисоките планини околу тебе затоа што си премногу зафатен гледајќи надолу.

Извор: Good.is
Фото: @Slothenator/Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот