Извршните директори на 100 големи американски компании со најниски плати на вработените минатата година во просек заработувале 614 пати повеќе од нивните работници, покажува новата анализа на Институтот за политички студии.
Извештајот опфатил 100 компании од индексот „С&П 500“ со најниска медијална плата. Просечниот надомест на нивните извршни директори во 2025 година достигнал 17,5 милиони долари, додека медијалната годишна плата на вработените изнесувала едвај 36.570 долари.
Разликата дополнително се зголемила во последниве години. Од 2019 до 2025 година примањата на директорите пораснале за 41,4 отсто, додека платите на работниците се зголемиле за 20,7 отсто. Инфлацијата во истиот период достигнала 25,9 отсто, што значи дека растот на платите на вработените не успеал да го прати растот на цените.
Односот меѓу примањата на директорите и вработените во тие 100 компании од 2019 година се зголемил за 8,4 отсто.
Како да живеат на друга планета
Богатството на најмалку 36 милијардери е поврзано со компаниите опфатени со анализата. Меѓу нив се членовите на семејството Волтон, сопственици на „Волмарт“, основачот на „Амазон“, Џеф Безос, и Мекензи Скот, како и коосновачите на „Карвана“, Ерни Гарсија Втори и Ерни Гарсија Трети.
- Тоа е голем проблем за општеството, имаме екстремни разлики - предупредува Сара Андерсон, главна авторка на извештајот и директорка на проектот „Глобал економи“.
Според неа, директорите на компаниите практично живеат на друга економска планета во споредба со своите вработени, поради што тешко можат да ги разберат финансиските проблеми со кои работниците се соочуваат секојдневно.
Откуп на сопствени акции
Посебно внимание Институтот посветува на откупот на сопствени акции, со кој компаниите го намалуваат бројот на акции на пазарот и често ја зголемуваат вредноста на преостанатите.
Набљудуваните 100 компании само во 2025 година на откуп на сопствени акции потрошиле 108,6 милијарди долари, во споредба со 105 милијарди годината пред тоа. Од 2019 до 2025 година вкупната потрошувачка достигнала дури 718 милијарди долари.
Најмногу потрошил „Волмарт“, 8,1 милијарда долари. Институтот проценува дека со тој износ компанијата можела да му исплати бонус од 3.850 долари на секој од своите 2,1 милиони вработени.
Разликата меѓу врвот на компанијата и вработените е особено изразена во „Волмарт“. Неговиот тогашен извршен директор Даг Мекмилон во 2025 година примил 29,2 милиони долари, односно 958 пати повеќе од медијалната годишна плата на вработените, која изнесувала 30.520 долари.
Авторите на извештајот сметаат дека јазот би можел да се намали со даночни и регулаторни мерки. Меѓу предлозите е поголемо оданочување на компаниите во кои извршниот директор прима повеќе од 50 пати поголем надомест од просечниот вработен, како и зголемување на данокот на откуп на сопствени акции.
Се предлага и користење на државните договори и субвенции со што на компаниите што работат со државата би можел да им се ограничи таквиот откуп на акции.
Извор:
Forbes.vijesti.me
Фото: Magnific