Езерото Хулун во северниот дел на Кина, во близина на границите со Русија и Монголија, влегува во периодот на зимско замрзнување. Силниот ветар ги придвижил ледените плочи на неговата површина, натрупувајќи ги во слоеви што наликуваат на замрзнати бранови.
На снимките што се појавија на социјалните мрежи може да се забележи необичната глетка - големи парчиња мраз се преклопуваат едно преку друго и се шират по површината на пространото езеро под силата на ветерот.
Оваа појава е карактеристична за северните езера на почетокот на зимата, кога температурите нагло опаѓаат, но водата сè уште не е целосно замрзната.
Хулун е петто најголемо езеро во Кина и најголемо во автономниот регион Внатрешна Монголија. Според податоците на управата на националниот резерват, неговата површина достигнала повеќе од 2.244 квадратни километри, речиси 500 квадратни километри повеќе отколку пред една деценија.
Езерото се наоѓа на околу 45 километри од градот Манџули, а неговата просечна длабочина изнесува околу 5,75 метри.
Како силниот ветар создава замрзнати бранови?
Овој природен феномен е познат и на големите езера во Северна Америка под името „ice shove“, што во превод значи туркање на мразот.
Кога силен ветар подолго време дува по должината на езерото, може постепено да ги придвижи големите ледени плочи кон брегот. Под негово влијание, мразот се поместува во насоката на дување, а кога ќе наиде на брегот или на пречка, почнува да се крши, да се преклопува и да се натрупува во повеќе слоеви.
Сепак, за да може мразот да се придвижува, важно е да не биде премногу дебел.
- За ледениот покривач да може да се движи, мора да плива на водата. Ако е предебел, може да се трие од дното на езерото и тешко се поместува - објаснува Алекс Крафорд, научен соработник и предавач во Центарот за набљудување на Земјата при Универзитетот во Манитоба.
Езерото останува под мраз речиси пет месеци
Според истражување објавено во научното списание „Прогрес ин џиографи“ , Хулун обично почнува да замрзнува кон крајот на октомври или почетокот на ноември. Од појавата на првиот мраз до целосното замрзнување во просек поминуваат само 6,4 дена.
Истражувачите утврдиле дека процесот најмногу зависи од температурата на воздухот, како и од брзината и насоката на ветрот.
Езерото останува замрзнато до крајот на март, односно речиси пет месеци. Во текот на зимата дебелината на мразот може да надмине еден метар.
Истото истражување покажало и промени во сезонското замрзнување. Во периодот од 1986 до 2017 година времетраењето на целосната покриеност со мраз се скратило во просек за 18,5 дена. Езерото сè подоцна целосно замрзнува, а мразот почнува да се топи порано.
Извор:
Klix.ba
Фото: Screenshot/Klix