X
 08.04.2020 Живот

Бочели за Велигден ќе настапи во празната катедрала во Милано

Повеќето верници нема да можат да влезат во црквите на христијанскиот празник Велигден, но исклучок ќе биде направен за Андреа Бочели, кој таа вечер ќе има концерт во Миланската катедрала во Милан. Бочели ќе пее во празната катедрала, но неговиот настап ќе биде пренесуван во живо на „Јутјуб“.

За оваа пригода Бочели ќе биде придружуван само од Емануел Вијанели, кој ќе свири на оргули.

Изведбата со наслов „Бочели: Музика за надеж“ ќе се одржи во 19 часот, на 12 април, во Италија, земјата од каде што потекнува Бочели, а е длабоко погодена од пандемијата.

- Среќен сум што Андреа ја прифати поканата. Оваа година Велигден ќе биде многу поинаков. Ведрината што обично доаѓа со овој ден беше нарушена од пандемијата што ја доживуваме. Сигурен сум дека извонредниот глас на Бочели ќе биде прегратката што ни недостига овие денови, силна, посебна прегратка, способна да го загрее срцето на Милано, Италија и на целиот свет - изјави градоначалникот на Милано, Џузепе Сала.

- Верувам во силата на заедничкото молење. Верувам во христијанскиот Велигден, универзален симбол на повторно раѓање, потребен за сите луѓе, без оглед дали се верници или не. Благодарение на музиката, пренесувана во живо, ќе се поврзат милиони луѓе, ќе го прегрнеме пулсирачкото срце на земјата. Дарежливиот, храбар, проактивен град Милано и цела Италија наскоро ќе бидат победнички модел, двигател на ренесанаста за која сите се надеваме - рече Андреа Бочели.

Фондацијата на Андреа Бочели почна кампања на „GoFundMе“ за да им помогне на болниците да купат заштитна опрема за медицинскиот персонал.

Извор: Variety.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот