X
 08.04.2022 Култура

Овој филм е снимен во 2015 година, но ќе биде прикажан 100 години подоцна

Дејството во филмот, соодветно насловен „100 години“ (англ. 100 Years) се случува во сегашноста, но ќе биде прикажан на 18 ноември 2115 година.

Станува збор за добро смислен рекламен трик во кој брендот за коњак „Луј XIII“ го ангажира познатиот мексикански режисер Роберт Родригез за амбициозен уметнички експеримент за снимање филм кој сто години ќе остане зад непробојно стакло.

Броевите не се случајни, сто години е период што минува помеѓу полнењето на „Луј XIII“ и пуштањето во продажба на тоа скапоцено шише, кое во просек чини околу 3.000 долари. За оваа луксузна реклама е ангажиран актерот Џон Малкович, придружуван од Шуја Шанг и акционата ѕвезда Марко Зарор.

Не се објавени детали за филмот, ниту за дејствието, освен три тизери кои не се дел од филмот, не го откриваат заплетот, туку се софистицирани реклами за „Луј XIII“, сместени во три различни варијанти на иднината.

- Кога проектот првпат беше откриен, имаше неколку опции за тоа каква ќе биде иднината. Неверојатно висока технологија, компјутеризирани верзии на светот, пост-Чернобил, враќање кон природата, полууништена цивилизација, а потоа имаше ретро-иднина како што е замислено во научната фантастика од 40-тите и 50-тите години - рече Малкович.

Како дел од промоцијата на филмот, „Луј XIII“ ќе подели 1.000 метални билети кои ќе им овозможат на потомците на добитниците да ја гледаат проекцијата на филмот за 100 години.

Извор: 6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура