X
 08.04.2024 Живот

Италијанско село со интересна програма наречена „Удоми коза“: бесплатни се, но мора да ги фатите

На малиот италијански остров Аликуди живеат само околу 100 жители и исто толку диви кози. Но, оваа година односот помеѓу луѓето и животните стана значително неурамнотежен.

Токму затоа, градоначалникот Рикардо Гуло одлучил да ги подари животните на секој што сака да има кози. Тој дошол до оваа идеја откако неодамнешниот попис процени дека бројот на кози на овој остров е шест пати поголем од  населението.

Козите, кои се познати по тоа што вешто се движат по стрмните карпи на островот, некогаш живееле хармонично со жителите и станале туристичка атракција исто како и неговиот заспан вулкан.

Но, во последните години нивниот број се зголемил толку брзо, што козите од нивното вообичаено место на живеење на врвот на островот почнале да доаѓаат во населената област, оштетувајќи ја бујната зелена вегетација, создавајќи хаос во дворовите, градините и населбите, уривајќи делови од камени ѕидови и влегувајќи во домовите на луѓето.

Иницијативата „Удоми коза“ се смета за најдобриот начин за справување со проблемот.

- Не ни размислуваме за некакво наштетување на животните, па затоа ја поддржуваме идејата да ги подариме. Секој може да поднесе барање за коза, не мора да биде фармер и нема ограничување колку кози може да посвои - вели градоначалникот.

Луѓето имаат рок до 10 април да поднесат барање.

- Веќе имавме неколку телефонски повици, вклучително и од фармер на островот Вулкано кој би сакал да земе неколку кози бидејќи произведува сирење рикота кое е доста ценето. Ако некој има капацитет да припитомува кози, тоа би можело да биде убав и хуман начин да се контролира проблемот - додава градоначалникот.

Според приказните на мештаните, козите се појавиле на островот пред 20 години, кога еден фармер ги ослободил бидејќи повеќе не можел да се грижи за нив. Со години животните паселе на карпите на островот и се дел од речиси секоја разгледница од вулканскиот остров. Но, оставени сами на себе, тие се размножиле со неверојатна брзина.

Оние што сакаат да аплицираат треба да испратат барање до локалните власти и да платат такса од 16 евра. Откако ќе биде одобрено барањето, кандидатот има 15 дена да ги фати и отстрани од островот.

Извор: The Guardian
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот