Под псевдонимот Сатоши Накамото, како човек кој го изуми биткоинот и ги постави темелите на денешниот пазар на криптовалути и блокчејн, се крие 55-годишниот британски компјутерски научник Адам Бек. Така тврди новинарот Џон Кариру од „Њујорк тајмс“, кој го истражувал идентитетот на мистериозниот Накамото 1,5 година заклучувајќи, меѓу речиси 600 „осомничени“, дека токму тој експерт за криптовалути и криптографија пред 17 години на светот му го претстави биткоинот.
Дали потрагата е завршена?
Прашањето за идентитетот на Сатоши Накамото, еден од најбогатите луѓе на светот, ако се прашува „Њујорк тајмс“ – е решено. Иако Бек со години одлучно отфрлаше каква било поврзаност со тој псевдоним, најновите откритија на многу корелации меѓу неговите рани трудови, како што е системот Хешкеш, заснован на системот доказ за работа (proof-of-work) и самиот изворен код на биткоинот, ги нудат досега најубедливите индиции. Меѓу доказите што ги собра Кариру се истакнува и дека лингвистичките обрасци и специфичниот стил на програмирање, пронајден во раната фаза на развој на мрежата на биткоинот, речиси целосно одговараат на ракописот на Бек. Освен техничките сличности, неговата истрага се потпира и на временскиот редослед на комуникација меѓу Накамото и првите соработници на проектот. Документацијата покажува дека клучните идеи за системот доказ за работа (proof-of-work), кои се темел на биткоинот, произлегле директно од претходните иновации на Бек.
Интересен е и општествениот круг во кој Бек се движел во текот на 2008 и 2009 година. Како истакнат член на „анархистичката“ заедница Сајферпанкс, тој поседувал и идеолошка мотивација и техничко знаење потребно за создавање децентрализиран монетарен систем. Еден извор наведува како во тој период се појавиле специфични паузи во активноста на Накамото на форумите кои се совпаѓаат со професионалните обврски и приватните патувања на Бек, што дополнително ја поткрепува теоријата за неговата двојна улога. Иако критичарите на оваа теорија предупредуваат на фактот дека Бек бил еден од првите луѓе што Накамото ги контактирал преку е-пошта пред лансирањето на биткоинот, застапниците на тезата дека Бек е Накамото тврдат дека таа рана кореспонденција можела да биде вешто осмислен маневар за да се создаде привид за постоење на две различни лица. Таквата стратегија за заштита на приватноста би била сосема логична за личност од калибарот на Бек, која отсекогаш ја заговарал дигиталната анонимност како основно човеково право.
Адам Бек останува при своите претходни тврдења - дека тој е само еден од пионерите чии трудови послужиле како инспирација, но не е и вистинскиот автор на биткоинот. Службено, Бек е истакнат британски криптограф и компјутерски научник, најпознат по развојот на системот Хешкеш, првично осмислен за сузбивање спам-пораки и спречување DDoS напади. Од деловна страна, тој е извршен директор на компанијата „Блокстрим“, една од водечките компании за развој на блокчејн-технологија и инфраструктура за биткоин.
Одговор на „Сатоши“
Набрзо по објавувањето на статијата во „Њујорк тајмс“ за нивното „откритие“ се огласи и самиот Адам Бек. На „X“ напиша дека тој не е Сатоши, но дека бил фокусиран на истите позитивни општествени влијанија на криптографијата, онлајн приватноста и дигиталниот имот. За нивните посредни „докази“ и околности кои го поврзуваат со творецот на биткоинот, напиша дека тоа се само случајности, пристрасни толкувања на одредени цитати и вештини кои ги дели со вистинскиот Сатоши. Напомена и дека лично не знае кој е Сатоши, но и дека така е подобро за биткоинот.
Фото: Википедија