X
 08.05.2019 Култура

„Читај!“ порачува Саемот на книгата. 70-ина издавачи од денеска до 14 мај ќе го слават пишаниот збор

Околу 70 домашни и странски издавачи ќе учествуваат на 31. Саем на книгата, кој под мотото „Читај!“ ќе се одржува од денеска до 14 мај во ВИП Арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Саемот на книгата ќе почне да работи денеска од 10 часот, а свеченото отворање е закажано за 19:30 часот во ВИП Арена „Борис Трајковски“.
Ќе се обратат: Даниeла Глигоровска - извршен директор на Скопски саем, Тамаш Мензер – државен секретар на Министерството за надворешни работи на Р. Унгарија, Ласло Багоши, писател, академикот Влада Урошевиќ, Соња Стојменска-Елсезер - претседател на Друштвото на писателите, и Зоран Шапуриќ - министер без ресор.

„Светот на Биби“ ќе биде дел од Саемот на книгата. Ќе бидат изложени сите наши изданија, а со богата програма ќе ја анимираме детската публика.



Сања Кондарко, проект-менаџер на Саемот на книгата, најави дека како и во минатите години, манифестацијата ќе понуди разновидни изданија – од белетристика до научни книги, енциклопедии, литература за деца, кои издавачите ќе ги продаваат по снижени цени. Ќе има и околу 30 промоции во Промотивниот центар во ВИП Арената.
Покрај македонски издавачи, ќе учествуваат и од Србија, Косово, Албанија, Данска, како и од Унгарија, која годинава е земја во фокус и чија книжевност ќе биде претставена на штанд на унгарската амбасадa. Посетителите ќе имаат можност да се сретнат со авторите Едина Сворен и Ласло Багоши.

Амбасадорот на Унгарија, Ласло Дукс, рече дека литературните врски меѓу двете земји се цврсти зашто има многу преводи, со што многу автори од неговата земја им се достапни на македонските читатели, споменувајќи го притоа и нобеловецот Имре Кертес.

На 10 мај во Друштвото на писателите ќе биде организирана и трибина на која ќе учествуваат Паскал Гилевски и Златко Панзов – преведувачи на книжевни дела од унгарски на македонски јазик. Исто така, ќе биде отворена и изложба на илустрации од унгарски книги за деца.

Цената на влезница е 30 денари, а групната е 20 денари. Работното време на саемската манифестација е од 10 до 20 часот.
Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ и оваа година, заради полесен пристап на посетителите, ќе воведе две вонредни автобуски линии со броеви 100 и 200 до ВИП Арена „Борис Трајковски“. Линијата 100 ќе поаѓа од населбата Ново Лисиче, а бр. 200 од населбата Дексион. Цената на автобуските билети е според официјалниот ценовник на ЈСП.


Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура