Самовработените жени може да имаат значително помал ризик од срцев удар отколку нивните колешки што заработуваат плата и се дел од систем.
Ново истражување спроведено на Универзитетот „Калифорнија“ во Лос Анџелес покажува дека самовработените жени имаат помалку ризик-фактори за кардиоваскуларни заболувања во споредба со жените кои не се самовработени, што укажува дека работната средина може да игра значајна улога во развојот на ризици што можат да доведат до срцев удар.
Жените имале најповолен профил на ризик од кардиоваскуларни заболувања поврзан со самовработувањето
Иако наодите од студијата покажаа и некои позитивни асоцијации помеѓу здравствените исходи и самовработувањето кај мажите, истражувачите открија дека жените имале најповолен профил на ризик од кардиоваскуларни заболувања поврзан со самовработувањето, веројатно затоа што е познато дека тие имаат поголема веројатност од мажите да доживеат стрес поради временските барања, т.е. балансирање помеѓу работата и домашните обврски.
-Студијата е една од ретките што користи мерки добиени од лабораториски тестови и мерења на телото наместо да се потпира на самоизвештаи за да ја истражи врската помеѓу самовработувањето и факторите на ризик за срцеви заболувања - вели главната авторка на студијата, д-р Кимберли Нарејн, професор на Универзитетот во Калифорнија.
Треба да разбереме како работната средина „ни влегува под кожа“
-Постои поврзаност помеѓу самовработувањето и ризик-факторите од срцеви заболувања и се чини дека е посилна кај жените отколку кај мажите. Потребно е да го прошириме нашето разбирање за тоа како работната средина „ни влегува под кожа“ за да можеме да смислиме начини да обезбедиме секој да има пристап до здрава работна средина - вели д-р Нарејн.
Претходните студии покажаа врски помеѓу структурата на вработување и ризикот од кардиоваскуларни заболувања. Некои студии пронајдоа подобри здравствени резултати кај луѓето на лидерски позиции во споредба со оние на канцелариски или административни позиции, кои често им припаѓаат на жени.

Други пронајдоа врски помеѓу контролата на работата и здравствените придобивки. На пример, работните места што бараат голем напор, што имаат повисоки психолошки барања и помала автономија, се поврзани со хипертензија и кардиоваскуларни заболувања.
Самостојно вработените жени се помалку дебели и спијат подобро
За оваа студија, истражувачите користеле податоци од 19.400 вработени возрасни лица во Националното истражување за здравје и исхрана (НХАНЕС). Тие ја анализирале врската помеѓу самовработувањето и ризик-факторите за кардиоваскуларни заболувања, што вклучувало покачен холестерол, хипертензија, нетолеранција на гликоза, дебелина, лоша исхрана, физичка неактивност, пушење, прекумерно пиење, неоптимално времетраење на спиењето и лошо ментално здравје.
Извор: eklinika.telegraf.rs
Фото: Freepik