X
 08.08.2025 Живот

Мал Остров: Како е изграден пловечкиот парк на бетонски лалиња во срцето на Њујорк

Во срцето на бетонската џунгла на Менхетен, над брановите на реката Хадсон, се појавува едно од најнеобичните архитектонски достигнувања во современиот урбанизам - Малиот Остров („Литл Ајланд“).

 Оваа „лебдечка“ оаза, отворена во мај 2021 година, е комбинација од висока технологија, пејзажна поезија и културна инклузија. Се наоѓа на местото на поранешниот „Пјер 55“, во округот Митпакинг, а денес е едно од најпосетуваните места во Њујорк, кое локалното население особено го сака.

Лалиња што излегуваат од водата

Британскиот архитект Томас Хедервик и неговото студио „Хедервик студио“ се одговорни за дизајнот на Малиот Остров, додека инженерскиот тим „Аруп“ бил одговорен за градежните решенија. Наместо класична платформа, тие се одлучиле за брановидна форма со 132 бетонски „чаши“ - таканаречени „саксии“, кои ја поддржуваат целата структура на паркот.

Секоја саксија се состои од четири до шест бетонски елементи („ливчиња“), а има дури 655 такви, секое уникатно направено со ЦНЦ-технологија во работилницата „Форт Милер Ко.“, во Естон, Њујорк. Потоа саксиите биле превезени на Менхетен и внимателно поставени со кранови од 350 тони.

Овие „лалиња“ варираат во висина - од 4,6 до 18,9 метри над реката - што создава специфичен релјеф, но исто така дозволува сончевата светлина да стигне до површината на водата под островчето, одржувајќи го екосистемот под паркот. Целата структура се потпира на 280 челични столбови, кои продираат до 60 метри во речното корито, обезбедувајќи стабилност и отпорност на временските услови, вклучувајќи ги и можните влијанија од бранови и ветер.

Инженерството како уметност

Дизајнирањето на овој парк било вистински предизвик - не само поради сложеноста на теренот, туку и поради потребата од издржливо, но естетски пријатно решение. Секој сегмент од паркот е прецизно моделиран пред физички да се произведе.

Природата како перформанс

Сигне Нилсен од студиото МНЛА била одговорна за дизајнот на пејзажот. Паркот е дом на повеќе од 350 различни растителни видови, вклучувајќи 114 дрвја, 65 вида грмушки и илјадници повеќегодишни и сезонски растенија. Растенијата се внимателно распоредени за да формираат различни микроклими и средини - од тајни градини, преку места за гледање, до пространи тревни површини.

Пејзажот е дизајниран да биде функционален - благодарение на напреден систем за наводнување, геотекстили и внимателно садење во бетонски форми што ја имитираат почвата. Разликите во висината на теренот овозможуваат спектакуларен поглед на реката, но и природно чувство на движење низ просторот.

 

Место на културата и заедницата

Малиот Остров е парк, но и многу активен културен простор. Во него се има амфитеатар со 687 седишта, простори за интимни претстави, тревници за одмор и неформални настани, како и места за храна и пијалаци. Културната програма вклучува концерти, претстави, едукативни работилници и уметнички изведби - претежно бесплатни.

Зад целиот проект стои филантропскиот пар - Бери Дилер и познатата креаторка Дајан фон Фирстенберг, кои донирале околу 260 милиони долари за изградба. Проектот е реализиран во соработка со градот Њујорк и фондацијата „Хадсон ривер парк траст“, како одговор на уништувањето предизвикано од ураганот Сенди во 2012 година.

Извор: gradnja.rs
Фото: YouTube screenshot
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот