X
 08.09.2025 Здравје

Усогласувањето на вашите тренинзи со вашиот карактер го прави вежбањето попријатно и ви дава подобри резултати

Наоѓањето мотивација за вежбање може да биде најголемиот предизвик. Ова може да биде дел од причината зошто помалку од една четвртина од луѓето ги постигнуваат целите за активност препорачани од Светската здравствена организација.

Но, што ако вежбањето може да биде попријатно? Еден начин да се постигне ова би можел да биде изборот на видовите вежби што одговараат на нашите личности. За таа цел, истражувачите во Велика Британија сега испитаа како карактерот влијае врз тоа кои видови вежби ги претпочитаме и нашата посветеност и ангажман кон нив.

- Откривме дека нашата личност може да влијае врз тоа како се вклучуваме во вежбањето, а особено во кои форми на вежбање најмногу уживаме - истакна д-р Фламинија Ронка од Институтот за спорт, вежбање и здравје на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

- Разбирањето на факторите на личноста при дизајнирањето и препорачувањето програми за физичка активност веројатно ќе биде многу важно за да се утврди колку е успешна една програма и дали луѓето ќе се држат до неа и ќе станат поподготвени - додал главниот автор, проф. Пол Бургес од Институтот за когнитивна невронаука на Универзитетскиот колеџ.

Различни спортови за различни луѓе

Истражувачите регрутирале учесници кои присуствувале на лабораториско тестирање за основна физичка подготвеност. Потоа ги поделиле во две групи: на првата група ѝ бил даден осумнеделен план за фитнес дома, составен од возење велосипед и тренинг за сила (интервентна група), а другата група го продолжила својот вообичаен начин на живот (контролна група).


За време на лабораториското тестирање, првата недела од интервенцијата и по интервенцијата, сите учесници пополниле прашалник за тоа колку уживале во секоја тренинг-сесија. Карактеристиките на личноста испитани во студијата вклучувале екстровертност, совесност, пријатност, невротизам и отвореност.

- Нашите мозоци се поврзани на различни начини. Затоа не е изненадувачки што личноста и карактерот би влијаеле и врз тоа како реагираме на различни интензитети на вежбање - вели Ронка.

На пример, луѓето со високи резултати на екстровертност уживале во сесии со висок интензитет со други луѓе наоколу, вклучително и тимски спортови. Спротивно на тоа, луѓето со високи резултати на невротизам претпочитале приватни тренинзи. 

Другите, со високи резултати на совесност и отвореност, се покажало дека вежбаат без оглед на тоа дали особено уживале или биле водени од љубопитност, соодветно.

Помалку стрес

Она што било особено интересно била врската помеѓу личноста, промената во физичката кондиција и стресот, според истражувачите. Пред интервенцијата, нивоата на стрес кај двете групи биле слични. Сепак, по интервенцијата, особено луѓето што постигнале висок невротизам, покажале силно намалување на стресот.

- Ова е фантастична вест бидејќи истакнува дека оние што имаат најголема корист од намалувањето на стресот реагираат многу добро на вежбање - додала Ронка.

Истражувачите истакнале дека најважниот дел од вежбањето е да пронајдеме нешто во што уживаме и да не се обесхрабруваме ако не го пронајдеме веднаш.

Извор: medicalxpress.com

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје