X
 16.01.2020 Наука

Не мрдате со прст, а имате придобивки како да сте издржале напорен тренинг

Без разлика дали станува збор за брза прошетка низ паркот или тренинг со висок интензитет, телото има одлични придобивки од вежбањето. Но, што ако можете да ги искористите придобивките од добриот тренинг без воопшто да ги мрднете мускулите?

Истражувачите од Универзитетот во Мичиген, кои истражувале класа на протеин што се јавува природно, наречен сестрин, откриле дека може да имитира многу ефекти што ги придонесуваат физичките вежби кај мувите и глувците. Наодите на крајот би можеле да им помогнат на научниците во борбата против трошењето на мускулите поради стареење и други причини.

- Истражувачите претходно забележале дека сестринот се акумулира во мускулите по вежбањето - изјави д-р Мјунџин Ким, доцент за научни истражувања на Катедрата за молекуларна и интегративна физиологија. Д-р Ким, професор Јун Хи Ли и тим истражувачи сакале да дознаат нешто повеќе за очигледната врска на протеинот со вежбањето. Нивниот прв чекор бил да охрабрат муви да вежбаат.

Искористувајќи го нормалниот инстинкт на мувите да се качат и да слезат од цевката за тестирање, нивните соработници Роберт Весел и Алисон Сујковски од државниот Универзитет „Вејн“ во Детроит развиле еден вид лента за трчање за муви. Користејќи ја лентата, тие ги тренирале мувите три недели и ја споредиле способноста за трчање и летање кај нормалните муви и мувите што тие ги одгледувале, а немале способност да создадат сестрин.

- Обично мувите можеа да трчаат од четири до шест часа, а нормалните способности им беа подобри. Мувите без сестрин не се подобриле со вежбањето - вели Ли.

vezbanje
Фото: Pixabay


Кога го зголемиле нивото на сестрин во мускулите на нормалните муви, научниците откриле дека тие имале поголема способност од обучените муви, дури и без вежбање.

Корисен ефект на сестринот не е само поголемата издржливост. Глувците без сестрин немале подобрен аеробен капацитет, немале подобрување во дишењето и согорување на маснотиите, што обично се поврзуваат со вежбањето.

- Сметаме дека овој протеин може да ги координира овие биолошки активности со вклучување или исклучување различни метаболички патеки. Овој вид комбиниран ефект е важен за придобивките од вежбањето - вели Ли.

Ли му помогнал на друг соработник, д-р Пура Муњоз-Канове од Универзитетот „Помпео Фабра“ во Шпанија, да покаже дека овој протеин може да помогне да се спречи атрофија во мускулите, која се јавува кога екстремитетот не се движи подолг временски период.

Дали додатоци oд сестрин се на повидок? И не баш, вели Ли.

- Сестрините не се мали молекули, но работиме да најдеме мали молекулни модулатори на сестрин - вели тој.

Покрај тоа, научниците сè уште не знаат на кој начин вежбањето создава сестрин во организмот.

- Ова е многу важно за идните истражувања и може да доведе до третман за луѓе што не можат да вежбаат - вели Ким.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука