Една духовита рекламна кампања тврди дека посетата на скандинавската земја и прифаќањето на шведската култура може да ја подобрат вашата благосостојба. За да го докаже тоа, се повикува на медицински експерти.
Видео од најновата кампања за промоција на Шведска започнува со интригантно прашање: Дали знаете дека Шведска е првата земја во светот што може да биде препишана од доктор? - прашува жена во бел мантил со стетоскоп околу вратот, стоејќи пред снежни планини.
- Бидејќи Шведска е исполнета со активности што прават да се чувствувате добро - додава таа со сериозен тон. Камерата се оддалечува и открива дека таа е потопена до половина во замрзнато езеро.
- Класичната сауна го активира вашиот парасимпатички нервен систем за длабока релаксација - продолжува жената, сè уште облечена во бел мантил. - Или можеби повеќе сакате ноќен живот? – прашува, ставајќи очила за сонце додека полноќното сонце го осветлува фјордот. - Тука, во Шведска, сонцето не заоѓа 100 дена. Замислете што може да направи 24/7 светлосната терапија за вас.
И покрај саркастичниот тон, најновата туристичка иницијатива на земјата, наречена „Шведскиот рецепт“ (The Swedish Prescription), има сериозна цел - да покаже како истражувањето на скандинавската природа и шведската култура може да ги подобрат здравјето и благосостојбата на луѓето, потпирајќи се на научни факти.
Природата како терапија
Според Светската здравствена организација, истражувањата покажуваат дека поминувањето време во природа помага за намалување на стресот, подобрување на расположението, зајакнување на когнитивните функции и намалување на ризикот од хронични заболувања.
Во земја со повеќе од 265.000 острови, 100.000 езера и 5.700 природни резервати, каде што постои и законски гарантирано право на движење низ природата (познато како allemansrätten), не само што е дозволено, туку и се охрабрува уживањето во природните убавини.
Со додавање на концептот на „фрилуфтслив“ („живеење на отворено“), каде што Швеѓаните редовно се исклучуваат од технологијата и бараат мир во природата, заедно со активности како шумско капење, хотели за длабок сон и животна рамнотежа наречена „лагом“, кампањата духовито сугерира дека можеби навистина би се чувствувале подобро ако вашиот лекар ви ја „препише“ Шведска.
- Оваа иницијатива ни овозможува да ги истакнеме придобивките од шведската природа и начин на живот како научно поддржано движење во грижата за пациентите - вели Стив Робертшо, менаџер за односи со јавноста во „Визит Свиден“.
Иако кампањата тврди дека Шведска е првата земја во светот што ја препишуваат доктори, идејата не е сосема нова. Во 19 век лекарите им препорачувале на пациентите со туберкулоза да ги посетат планините на Швајцарија. Во 30-тите години на 19 век луѓе со респираторни проблеми биле испраќани во солени рудници низ Централна Европа. На некој начин, „шведскиот рецепт“ е мешавина од модерна туристичка реклама и стара санаториумска препорака.
Кампањата се надоврзува на низа духовити нордиски реклами. Во 2024 година видео на туристичката организација на Осло собра над 20 милиони прегледи, прикажувајќи Норвежанец кој иронично се чуди „Зошто некој би сакал да го посети градот“. Минатата година, кампањата „Шведска (не Швајцарија)“ се пошегува на сметка на туристи што ги мешаат двете земји.
Она што ја прави кампањата посебна е нејзиниот сув, типично шведски хумор кој остава впечаток дека не знаете дали треба да ја сфатите сериозно или не.
Постои дури и ПДФ-документ што туристите можат да го „преземат“ и да го однесат кај својот лекар за тој „да им препише посета на Шведска“.
Извор:
ВВС
Фото: Visit Sweden/Screenshot