X
 09.01.2021 Живот

Немаат свој стан, парите ги трошат на кафе, а времето на видеоигри - милениумците полнат 40 оваа година

Велат дека имаат многу барања, мрзливи се и неодлучни. Очигледно, сите пари ги трошат на излегување, пиење скапо кафе и здрава храна, во која мора да има и авокадо, наместо да штедат за сопствен стан.

Првите милениумци полнат 40 години оваа 2021 година и на многумина им е тешко да поверуваат во тоа. Што генерацијата У му дала на светот?

Меколи Калкин првпат го глумеше Кевин Мекалистер во филмот „Сам дома“ пред точно 30 години. Тој сега е четири години постар од актерката која ја глумеше неговата мајка додека се снимал филмот. Даниел Редклиф има 31 година, а „Хари Потер“ го сними пред точно 20 години. Доволно е за веќе да почнете да се чувствувате стари?

Ваквите потсетници најдобро ги илустрираат децата-ѕвезди, претставници на оваа генерација, чие стареење неизбежно предизвикува зачудување - дали навистина помина толку долго време? Да, помина, првите милениумци штотуку влегоа во фамозната петта деценија.

Жртви на статистиката


Оваа генерација, како и другите, помина низ задолжителна генерализација. Постојат многу текстови и статии низ интернетот што го покажуваат тоа. Милениумците многу бараат. Милениумците само играат видеоигри и гледаат „Нетфликс“. Попрво би имале куче дома отколку дете. Поретко имаат секс од припадниците на претходните генерации, немаат свој стан затоа што трошат пари на кафиња за носење и храна по рестораните... Веројатно сте го слушнале ова толку многу пати, што и самите сте биле навлечени во некои статистички податоци и предрасуди.

Ако се споредите со Тесла, кој веќе го имал своето прво значајно откритие пред неговата 30-та година, тогаш не сте успеале во животот доколку се наоѓате во оваа група на милениумци родени по 1980 година. Според некои податоци, само 44 отсто од милениумците биле во брак до почетокот на 2019 година во споредба со 81 отсто од беби-бумерите, кои веќе имале семејство, деца и дом на иста возраст. Но, да ги земеме предвид лошите настани што ја зафатија оваа генерација, од големата економска криза во 2008 година, војните на Балканот на почетокот на 90-тите, до абнормалните настани на пазарот на недвижности.

Се разбира, ова не ги спречува постарите веднаш да почнат со споредбите: „Јас имав дом и три деца на твоја возраст“, па излегува дека недостигот на материјалниот успех на милениумците е директно поврзан со тоа колку се вредни, невнимателни или зависни од технологијата. Можеби тука и лежи одговорот на тоа зошто сите се чудат што милениумците официјално станаа возрасни и наполнија 40 години, иако многумина сè уште мислат дека се деца кои ги надраснаа своите кратки шорцови или здолништа.

милениумци
Фото: Freepik

Што
придонесоа милениумците за светот?

Клучното прашање е што милениумците му дадоа на светот? Ако не сфативте досега, оваа генерација ни донесе големи промени. Најпрво, тие се изборија за тоа дека е во ред да правите со својот живот што ќе посакате, макар и тоа да е несовесно пиење прескапо кафе додека ја гледате десеттата серија по ред тој месец. Милениумците покажаа дека е во ред да се сака поп-културата и кога ќе наполните 30 години и многу музички фестивали низ светот го покажуваат тоа. Сосема е прифатливо да си купите скап комплет лего-коцки иако сте на работ на петтата деценија.

Милениумците покажаа дека не е сè во материјалната сопственост, туку е во уживањето. Дека е прифатливо да го земеш ранецот и да одиш на нискобуџетна турнеја низ светот. И, ако ништо друго, милениумците се генерација што има многу да им остави во наследство на оние што доаѓаат - генерацијата З.

Иако, се разбира, можноста за примена на сето ова зад кое стојат милениумците е условена од тоа каде живееме и од целокупната состојба на општеството, несомнено е дека животната филозофија на оваа генерација е сè поприфатена. Новиот начин на живот носи поголема грижа за здравјето, екологијата, зголемената толеранција и рамноправноста, веганството и борбата против авторитаризмот дојдоа токму со милениумците и преку социјалните мрежи.

Така што, милениумци, сè најдобро! И оние што ве критикуваат и се зачудени од вашите години, треба конечно да сфатат дека новиот роденден не треба да го одредува вашиот животен избор и во никој случај да влијае врз исполнувањето на амбициите и соништата.

Извор: Noizz.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот