X
 09.01.2023 Наука

Женките октоподи ги гаѓаат со школки мажјаците кога ги нервираат

Да се има осум раце може да биде интересно, но и опасно за оние во околината. Ново истражување покажува дека октоподите намерно фрлаат отпад како тиња и школки кон други октоподи.

Во 2015 и 2016 г. група истражувачи од Австралија и САД со подводни камери го снимале однесувањето на вид октопод во Австралија. Истражувањето на кадрите покажало дека има интеракција помеѓу октоподите, односно дека некои октоподи собираат песок од морското дно или школки по јадењето и ги фрлаат кон други октоподи.


- Фрлањето предмети ретко се јавува кај животните. Подводното фрлање, дури и на кратка дистанца, изгледа многу необично и тешко, што го прави однесувањето уште почудно - изјавил Дејвид Шил, еден од истражувачите што работеле на трудот.

Кога се анализирала активноста според пол, се забележало дека 66 отсто од фрлањето е направено од страна на женки октоподи, а околу половина се случиле за време на однос со друг октопод, како обид за размножување и друго.

Во 17 отсто од случаите фрлањето било успешно, односно октоподот го погодил другиот октопод. Истражувачите откриле и дека потемните октоподи може да фрлаат посилно од посветлите.

Извор: Popsci
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука