X
 09.02.2026 Наука

Научници создадоа „универзален“ бубрег кој одговара на секоја крвна група

По децениска работа, научниците се поблиску до клучно откритие во полето на трансплантациите на бубрези - способност да се пресадуваат бубрези од донори со различни крвни групи - што значително може да ги забрза операциите и да спаси животи.

Во истражување објавено минатата година, научници од Канада и Кина објавија создавање на универзален бубрег кој, теоретски, може да биде прифатен од кој било пациент. Нивниот орган преживеал и функционирал неколку дена во тело на примател со мозочна смрт, чија фамилија се согласила на спроведување на истражувањето.

- Ова е првпат да видиме вакво нешто во човечки модел. Ни дава непроценлив увид во тоа како можеме да ги подобриме долгорочните резултати - истакна биохемичарот Стивен Витерс од Универзитетот во Британска Колумбија, Канада.

Иако сега е можно да се трансплантираат бубрези од луѓе со различна крвна група преку тренирање на телото на примателот да не го одбива органот, постојниот процес е далеку од совршен и не е баш практичен. Тој бара време, пари и е ризичен.



Истражувачите ефикасно претвориле бубрег со тип А во бубрег со тип 0, користејќи специјални, претходно идентификувани ензими кои ги откриваат молекулите на шеќер (антигени) кои дејствуваат како маркери за крвна група А. Истражувачите ги споредуваат ензимите со ножици кои работат на молекуларно ниво - преку отсекување дел од веригите на антигенот од тип А, тие може да преминат во статус на немање АБ0 антиген, што ја карактеризира крвната група 0.

- Тоа е како отстранување на црвената боја од автомобил и откривање на неутралната нијанса. Штом ќе се направи тоа, имунолошкиот систем веќе не го гледа органот како туѓ - вели Витерс.

Остануваат многу предизвици пред да може да се размислува за пробување на третманот кај луѓе. Трансплантираниот бубрег почнал да покажува знаци на крвна група А третиот ден, што довело до имунолошка реакција, но таа не била толку тешка како што би се очекувало и имало знаци дека телото се обидувало да го толерира бубрегот.

Истражувањето е објавено во „Нејчр бајомедикал енџениринг“.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Спиркоска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука