X
 09.06.2025 Наука

Откриени најголемите депозити на злато во светот

Најголемите резерви на злато на Земјата не се чуваат во Форт Нокс, американскиот магацин за скапоцени метали. Всушност, тие се скриени многу подлабоко отколку што би можело да се очекува. Повеќе од 99,999 % од златото и другите скапоцени метали на Земјата лежат закопани под 3.000 км цврста карпа, заклучени во металното јадро на Земјата и далеку од дофатот на луѓето.

Сега, германски истражувачи од Универзитетот во Гетинген пронајдоа траги од скапоцениот метал рутениум (Ru) во вулканските карпи на Хавајските Острови, кои на крајот мора да потекнуваат од јадрото на Земјата. Наодите се објавени во списанието „Нејчр“.

Металното јадро содржи малку поголема количина на одреден изотоп, Ru-100. Ова е така затоа што дел од рутениумот, кој бил заклучен во јадрото на Земјата заедно со златото и другите скапоцени метали кога се формирал пред 4,5 милијарди години, доаѓа од различен извор од оскудната количина што се наоѓа во Земјината мантија (слој од силикатна карпа помеѓу кората и надворешното јадро на Земјата) денес.

Овие разлики во 100Ru се толку мали што претходно биле неоткриени. Сега, новите методи развиени од истражувачи на Универзитетот во Гетинген овозможија нивно решавање. Невообичаено високиот сигнал од 100Ru што го пронајдоа во лавите на површината на Земјата може да значи само дека овие карпи на крајот се формирале на границата јадро-мантија.

- Кога пристигнаа првите резултати, сфативме дека буквално сме пронашле злато! Нашите податоци потврдија дека материјалот од јадрото, вклучувајќи злато и други скапоцени метали, протекува во Земјината мантија - објаснува д-р Нилс Меслинг од Одделот за геохемија на Универзитетот во Гетинген.


- Нашите наоди не само што покажуваат дека јадрото на Земјата не е толку изолирано како што претходно се претпоставуваше, туку сега можеме да докажеме и дека огромни количини на прегреан материјал од мантијата, неколку стотици квадрилиони метрички тони карпа, се формираат на границата јадро-мантија и се издигаат на површината на Земјата, формирајќи океански острови како Хаваи - додал професорот Матијас Вилболд од истиот оддел.

Ова значи дека барем дел од резервите на злато и други скапоцени метали на кои се потпираме поради нивната вредност и важност во многу сектори, како што се обновливите извори на енергија, потекнуваат од јадрото на Земјата.

- Останува да се докаже дали овие процеси што ги набљудуваме денес дејствувале и во минатото. Нашите наоди отвораат сосема нова перспектива за еволуцијата на внатрешната динамика на нашата планета - заклучил Меслинг.

Извор: m.vidi.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука