Сатоши Накамото го создаде концептот на биткоинот во 2008 година, поставувајќи ги темелите за првата криптовалута и блокчејн-технологијата воопшто. Сепак, лице под псевдонимот Сатоши, или група луѓе кои се претставуваат како такви, копале и чувале поголема количина за себе - а според официјалните процени на експертите за дигитални паричници и криптовалути, Сатоши Накамото има нешто повеќе од еден милион биткоини (1.096.000).
Милион биткоини за првите 10
Најновиот бран на раст на вредноста на биткоинот ја крена оваа криптовалута на нови височини и сега вреди повеќе од 121.000 долари. Ова го зголеми богатството на Сатоши на над 133 милијарди долари, со што мистериозниот творец на биткоинот се најде на самиот врв од листата со најбогатите луѓе во светот.
Според „Блумберг“, оваа сума би го сместила на 12. место, помеѓу технолошките претприемачи Мајкл Дел (137 милијарди долари, 11. место) и Бил Гејтс (123 милијарди долари, официјално 12. место). Само неколку процентни поени од порастот на вредноста на биткоинот го делат од престигнувањето на Дел и Ворен Бафет (124 милијарди долари) и влегувањето во првите 10 најбогати луѓе во светот.
„Блумберг“ и „Форбс“, кои водат релевантни листи со најбогатите милијардери во светот, не го вклучуваат Сатоши во нив бидејќи нивната методологија официјално не ги брои криптосредствата на поединци. Нивните процени за богатство вклучуваат само „јавно потврдени“ средства, како што се акции котирани на берзи, готовина, недвижен имот, акции во приватни компании, уметнички дела, подвижен имот и слични „вистински“ средства.
Фото: Pexels