Земјите на ЕУ лани заработиле 157,1 милион евра од такси за барања за визи кои на крајот биле одбиени, покажа новиот извештај на невладината организација „ЛАГО Колектив“ заснован на податоците од Европската комисија.
Во 2024 година заработката од одбиените визи во ЕУ изнесувала 145,1 милиони евра, а во 2023 година – 130 милиони.
Се наведува дека највисоки стапки на одбивање имало кај барањата за виза од Бангладеш (54,5 отсто), Сенегал (52), Нигерија (48), Пакистан (46) и Ангола (45 отсто), пренесе „ЕУ опсервер“. Истовремено, трошоците за одбиените визи најмногу пораснале во Ангола, за 177 отсто, на 2,9 милиони евра во минатата година.
Основачката на „ЛАГО Колектив“, Марта Форести, го опиша процесот на аплицирање за шенген-виза како визен режим кој функционира како данок на туризмот, бизнисот, трговијата и аспирациите.
Практиката на ЕУ, наречена „обратни дознаки“, е извор на гнев во многу земји во развој, особено во Африка, која учествувала со 42 отсто од изгубените такси, иако од тој континент доаѓаат 24 отсто од подносителите на барања.
Европската комисија сега наплаќа такса за поднесување барање за виза од 90 евра за возрасни кои патуваат во ЕУ, во споредба со 80 евра минатата година. Таксите не се враќаат, без оглед на исходот.
Фото: magnific